Пребарај го блогов

сабота, јуни 24, 2006

Пузаљка го штити светец од подземна црква

СЕЛЦЕ БЛИЗУ СТАРО НАГОРИЧАНЕ ЖИВЕЕ ОД ВЕРБА
Пузаљка го штити светец од подземна црква
Стрмните земјани патчиња едвај ќе те донесат до дваесетината куќи раштркани на неколку ритчињата. На 20-тина километри од Куманово, селото Пузаљка е сместено високо во Козјачието покрај реката Пчиња. Одделени од цивилизацијата, педесетината жители

Стрмните земјани патчиња едвај ќе те донесат до дваесетината куќи раштркани на неколку ритчињата. На 20-тина километри од Куманово, селото Пузаљка е сместено високо во Козјачието покрај реката Пчиња. Одделени од цивилизацијата, педесетината жители на ова село исклучиво се посветени на земјоделството и сточарството. Живеат за да работат и работат за да преживеат. Селото ја дели судбината на повеќето македонски планински села - нема асфалтен пат, нема водовод, нема телефон. Има само струја. Изворската вода селаните со магариња и трактори ја тегнат и по неколку километри од планинското кладенче.
Куќите се главно стари и распаднати, но селото е опкружено со густа шума и ливади покрај Пчиња, па недопрената природа е вистински рај за очите и за душата. Селаните велат дека да се доведе водовод до нивните куќи, да им се асфалтира патот и да им приклучат телефон како во соседните села не треба многу пари, но тие немаат свој човек кој ќе им ја поттурне работата. Се надеваат дека оваа година за изборите некој ќе се сети да им ги исполни ветувањата што им ги дале одамна.
Велат дека друг излез немаат и изгубиле верба во се. Селото нема ни свои гробишта. Ги погребуваат умрените во соседното Драгоманце. Црква имале, но сега таа е под земја.Им останал само светецот Спасовден заштитник на селото.
Црквата Свети Спас се наоѓала на влезот но селото .Сега таму има една впечатлива височинка оградена со камен каде е поставен крст и маси.На светото место селаните направиле трпеза за да доаѓаат на празниците.
Претседателот на месната заедница Зоран Димитриевски, вели дека црквата ја затрупале селаните од Пузаљка за да ја заштитат од уништување.
-По кажувањето на нашите стари, за време на отоманското царство, Турците почнале во околните села да ги палат православните храмови. За да го скријат светилиштето селаните одлучиле да го покријат со земја. Ноќе ја собирале земјата, а дење жените ја криеле во торби и ја носеле до црквата. Така целата ја затрупале и успеале да ја спасат од Турците, но и тие останале без неа, вели Димитриевски.
Никој досега не копал за да ја извади црквата од земја но, жителите кажуваат дека околу неа постои богато археолошко наоѓалиште од каде луѓето од кумановскиот музеј извадиле големи и убави предмети.
И покрај тоа што нивниот патрон е под земја селаните длабоко веруваат дека тој ги штити. Случката од мината година само ги потсетила дека не смеат да го потценуваат празникот и верата.
-Последните неколку години, поради проблемите и сиромаштијата некако се оддалечивме од светецот. Три години по ред немаше кум на славата и не одевме на Спасовден на крстот. Првите две години една бабичка Трајанка одела сама. Носела колач и вино како што е адетот, а попот чател молитва. Арно ама минатата година бабата се разболела и не можела да отиде.На празникот немало никој. Не помина долго кога удри едно невреме над селото како никогаш дотогаш. Град крупен како кромид ни ја уништи целата летина. Кратко потоа заврнаа силни дождови не поплавија и однесоа и тоа што остана. Веднаш се сетивме дека тоа е порака од нашиот светец да се вразумиме и да се однесуваме како вистински христијани, вели Томислав Димитриевски. Оваа година селаните на Спасовден организирале голема прослава со кум и сите обичаи и традицијата продолжи.
Пред околу 200 години на местото каде што сега се наоѓа селото Пузаљка имало големи бачила. Поради богатите извори и блиската река селаните почнале тука да градат куќи и да се преселуваат од повисоките предели. Местото било многу стрмно па луѓето кога се движеле морале да се влечат по земја, да пузат, поради што местото започнале да го викаат Пузаљка. Некои велат дека името го добило и по тоа што во селото поради влажната почва во пролет имало многу полжави кои на кумановски се викаат пужаљке.
Сузана Николиќ


Нема коментари:

Архива на блогот

Site Meter