Пребарај го блогов

понеделник, јуни 26, 2006

Зурли и електрични гитари го тресеа Кокино

Зурли и електрични гитари го тресеа Кокино
ОПСЕРВАТОРИЈАТА 4.000 ГОДИНИ ПОДОЦНА

Благоја Бошковски

Вевчански маски, галички тапани, етноџез-рок состави, хеви-експериментал-панк-метал-рок-звук, свинг и транс беше изборот на Музичката младина на Македонија како најсоодветна забава за можните посетители на настанот организиран под мегалитската опсерваторија Кокино во петокот вечер. Замислен од Министерството за култура, овој минифестивал требаше да го приближи културното наследство во Македонија до младите.

„Стринг форсис“, Бодан и Кокан, групите „Мајовци“, „Лоши деца“, „Дедикејтид фор лајф“, „Виктим јилд“, „Летачки пекинезери“, „Вајт нојз ин а вајт рум“ и диџеј Деа беа задолжени за музичкиот дел од перформансот. Манифестацијата ја отвори настап на вевчански маски, а како втор следуваше можеби најкомерцијалниот состав на вечерта, „Стринг форсис“, за веднаш да биде проследен со лелеавиот етноџез-звук на басот и пијаното на Бодан и на Кокан. Се на се - една опуштена атмосфера, која тешко дека можеше да се нарече фестивал, бидејќи повеќе личеше на организирана седенка. Групата „Мајовци“ донесе малку свежина во раштрканата маса. Моќни игри со ритми, силни зурли и директна атака на се што е најдобро во традицијата. Не без причина добија најдобра и најсложна реакција од публиката. Поради тоа, а можеби и бидејќи единствено тие не зависеа од тоа какви се звучниците.

Дојдоа на ред веселите „Лоши деца“ и нивниот солиден настап. Оттука натаму меѓупаузите беа тешки, дотолку повеќе што имаше и технички проблеми. Со силните гитари што „Дедикејтид фор лајф“ и хард-музиката воопшто ги носат со себе дојде до колапс на системот од кој на моменти излегуваше само каша од звуци. Една песна и бендот замина од сцената. Кратко останаа и „Виктим јилд“, разочарувајќи 10 отсто од публиката. Свинг-атракцијата „Летачките пекинезери“ конечно отсвири подолго на сцената, на општо задоволство на публиката. По нив настап резервиран за малку поексперименталните „Вајт нојз ин а вајт рум“, кумановски гитарски состав што полека но сигурно ја освојува сцената. Остана уште настапот на диџеј Деа.

На другата страна од брдото - друго случување. Само два дена по најдолгиот ден, сонцето се уште убаво би требало да минува низ маркерот на изгрејсонце. Така што околу олтарот беа насобрани многу луѓе, некои задоволни што воопшто се таму, а некои незадоволни што има премногу народ. За жал, и на карпите кај маркерите седеа луѓе. Всушност, луѓето таму седеа уште од самиот почеток. Се јазеа по карпите осветлени од рефлекторот бесцелно лутајќи.

Утрото кога дојде времето за вистинскиот настан, оној што пред 4.000 години, само два дена порано, го чекале стотици и стотици други луѓе, малкумина вистински знаеја зошто се таму. За тоа помогна и лошото време што претходеше дента. Имаше и некое предавање. Кој го фати, го фати.

Опсерваторија од бронзената доба

Локалитетот Кокино претставува мегалитска опсерваторија стара околу 4.000 години и и припаѓа на бронзената доба. Актуелна станува по 2001 година, откако астрономот Ѓоре Ценев и археологот Јовица Стаковски ги објавија своите проучувања. Се состои од два дела. Едниот е олтарот, или престолот, од каде што свештениците го следеле движењето на ѕвездите, месечината и сонцето.

Вториот дел се карпите, кои природно се поставени така што одредени вдлабнатини создаваат маркери. Меѓу еден сонцето застанува на најдолгиот летен ден (летен солстициј), кој е на 21 јуни. Меѓу друг, застанува месечината на рамноденицата. Со тоа се поврзани и некои претпоставки и легенди, од кои едната е дека на престолот седел владетелот и дека кога ќе го облеел зракот тој се поврзувал со божеството на сонцето. Опсерваторијата Кокино, инаку, од 2004 година се смета за четврта најголема опсерваторија во светот. Првите три се: Абу Симбел - Египет, Стоунхенџ - Велика Британија и Анкор Ват во Камбоџа.

Нема коментари:

Архива на блогот

Site Meter