Време, број 438, 11.07.2005 | | |
|
Капачите во бањата Стрновец едвај спасиле жива глава
Маја Манчевска Дваесетина посетители на познатата бања Стрновец во општината Старо Нагоричане со тешки маки биле евакуирани кога поројни дождови и град преку ноќ го зафатија кумановскиот крај во петокот вечер. Евакуацијата траела до раните утрински часови во саботата. Олгица Денковска, сопственичка на кантина во бањата Варошанка, ја известила полицијата дека во Стрновец има капачи, по што на самото место дошле екипи од полицијата, од противпожарната служба, спасувачки екипи од општината и лекари од Медицинскиот центар во Куманово. Со јажиња и со багер капачите биле извлечени од бањата. Меѓу нив имало неколку деца и постари лица. Триесетгодишниот Марјан Трајковски од кумановската населба Карпош, кој често со својот другар ја посетувал бањата, вели: -Околу 20 часот се капевме во бањата кога одеднаш наидоа темни облаци какви што досега немам видено. Претпоставив дека ќе се случи нешто страшно. Јас заминав, мојот другар остана. Дознав дека тој се извлекол со тешки маки - вели Трајковски. Денковска се уште во шок раскажува за драмата што се случувала околу Стрновец. - Црните облаци наидоа од сите страни. Околу 22 часот почна и излевање на реката. Се гледаше дека нема спас од водата. Недалеку од нас имаше и две 70-годишни старици, сместени во шатор. Загубивме врска со нив. Не знаевме дали се живи и здрави. Нашиот сосед спиеше, кога видовме дека го зафати вода, го разбудивме. Во близина имаше и два шатора во кои кампуваа две семејства со мали дечиња. За среќа, беа со автомобил, па некако успеаја да се евакуираат до најблиската викендичка. Покрај нас има уште пет викендички во кои беа сместени пет мали дечиња, инвалидно лице и уште неколку луѓе. Никако не можевме да им помогнеме. За среќа, мобилниот телефон се уште имаше сигнал, па ја повикав полицијата - вели Денковска. На поплавеното место дошле спасувачките екипи и сите лица биле евакуирани. -Бабите Слободанка и Вера, кои тука кампуваа, не знаевме каде се наоѓаат дури до 7 часот. Но утрото видовме дека успеале да се спасат. Ги забележавме како седат пред соседната кантина - вели Денковска. Предизвикани се големи материјални штети во општината Старо Нагоричане, бидејќи со поплавата се зафатени 12 села. - Нанесени се штети во земјоделството и во патната инфраструктура. Дел локални патишта се уништени, а беа загрозени и животите на група излетници. Општината, полицијата и со противпожарната служба вложија многу напори. Употребивме градежни машини за да можеме да влеземе во објектите - вели градоначалникот на општината Старо Нагоричане, Власта Димковиќ. Тој вели дека во моментот се утврдува штетата. Се планира да се формираат комисии за процена на штетата, по што извештајот ќе и се презентира на Владата. Од обилните дождови се зафатени сите села во околината - од Драгоманце до селото Пелинце на границата со СРЈ.
1 коментар:
Looking for information and found it at this great site... divx certified dvd player Handbags botkier Asthma &aposs conclusion fax software
Објави коментар