Пребарај го блогов

среда, јули 26, 2006

Пелинце се гради од Илинден на Илинден

ПРАЗНУВАЊЕ ВО НЕЗАВРШЕНИ СПОМЕНИЦИ

Пелинце се гради од Илинден на Илинден

Три години по отворањето, Меморијалниот центар на АСНОМ си' уште не е завршен, а планираните објекти се градат само во деновите пред празникот

Мајсторите од Куманово забрзано ја поставуваат калдрмата, која остана по реконструкцијата на градските улици на мини-плоштадот во кругот на Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.

Се подготвуваат и два објекта наменети за ресторанот и за библиотеката со десетина апартмани, кои ги соѕидаа мајсторите од Пустец. На патот до Пелинце, со асфалт забрзано се крпат ударните дупки за да можат возилата полесно да поминат.

- Веруваме дека до среда ќе го завршиме планираното. Работиме од пет изутрина до навечер за да стасаме до празникот. Малку тешкотии имаме со тоа што калдрмата што ја ставаме е стара и треба време за да ја обработиме. Сега не е предвидено да се смени чакалот пред Центарот. Ќе работиме тогаш кога ќе обезбедат пари - ни рекоа вчера работниците што го уредуваа Меморијалниот центар на АСНОМ.

Планиран да зафаќа површина од осум и пол хектари, три години по неговото отворање, тој се' уште не е завршен. Рокот постојано се продолжува, зашто немало доволно пари. А тие, според досегашната пракса, се обезбедуваа само од државниот буџет и само спроти 2 Август, за да се обезбеди какво-такво достојно чествување на АСНОМ.

Така е и годинава: ќе биде завршен само дел од предвидените објекти, а за идните години останува да се направат спортски терени, базен... Сосема е неизвесно која годишнина на двата Илиндена на кои се удрени темелите на македонската државност ќе биде прославувана и кога ќе може да се каже дека комплексот е целосно завршен.

Меморијалниот центар АСНОМ почна да се гради по идејата на тогашниот премиер Бранко Црвенковски за да може Македонија достоинствено да го празнува најголемиот национален празник. Причината беа серијата провокации на Српската православна црква, која ги оневозможуваше прославите во манастирот „Свети Прохор Пчињски“, каде што е одржано првото заседание на АСНОМ, на кое се удрени темелите на македонската држава.

- Центарот треба да се дополни со уште материјали - пишува во една порака во книгата за впечатоците на посетителите.

Кустосот Игор Арсовски вели дека досега Центарот, во кој е најинтересна поставката на салата во која седеле делегатите на АСНОМ, го посетиле околу пет илјади граѓани. Во горниот дел од салата се ставени експонати - фотокопии на најважните одлуки што биле донесени на АСНОМ.

- Реакциите се различни, некои посетители се задоволни затоа што е подигнат овој комплекс, други не. Мислам дека кога ќе се дополни со нови содржини, кога ќе се организираат ликовни колонии и друго, Центарот ќе функционира уште подобро - вели тој.

„Тука е стварно супер и ова е нешто најубаво што го има Македонија“, напишала Маја Антевска. Посетители што не сакале да се потпишат порачуваат: „Очекував нешто повеличествено, ова е промашена инвестиција“ и „Поубаво ќе беше да се изгради манастирот Свети Прохор Пчињски“. Не изостануваат пораки со шовинистичка содржина, со носталгија кон поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито.

Меморијалниот центар најчесто го посетуваат млади како дел од маршрутите на ученичките екскурзии. Поради тоа што ученичките средби во овој регион се одржале тука, музејот на АСНОМ само еднаш го посетиле ученици-Албанци.

Црвенковски во Крушево, Груевски во Трново

Шефот на државата Бранко Црвенковски и идниот мандатар за новата влада Никола Груевски нема да се сретнат на централната прослава на Илинден на Мечкин Камен во Крушево, дознава „Дневник“.

Груевски најверојатно ќе се појави на собирот на Македонците од егејскиот дел, во битолското село Трново.

На Мечекин Камен, каде што свое обраќање ќе има претседателот Бранко Црвенкоски, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја претставува висока партиска делегација.

Бранко Горгевски

Архива на блогот

Site Meter