Пребарај го блогов

недела, јули 23, 2006

Карпеста уметност во Македонија

Карпеста уметност во Македонија


Што е карпеста уметност ?



Тоа се цртежи на луѓе, животни, идолиформи, купули, разни видови крстови, реткули, гравирани или сликани врз карпите и камењата од времето на палеолитот до времето на христанизација.

Од причина што на овие простори е откриена најголемата концентрација на цртежи, како и поради фактот дека купулиуте се првите почетоци на било каква духовна манифестација на човекот од нашата планета нема никаков страв од заклучокот дека Македонија е вистинско светилиште на светската култура, а со тоа и на светската уметност. Македонската карпеста уметност се карактеризира по својата бројност, разноликост како и перфекција на формата. Тешко можеме да издвоиме крај кој е повеќе карактеристичен или значаен за карпестата уметност. Целата територија се смета за еден вид резерват на карпестата уметност, претставува уметност во интерпланетарни рамки. Што се однесува до бројноста на карпестите гравири треба да се истакне дека до овој момент се истражени само 70% од територијата и се откриени над 600.000 карпести гравири.

Во што е тајната што овде се пракорените на првата писмена комуникација ?

Овој предел пред повеќе милиони години потресуван од вулканските активности создал неверојатни пејсажи кои предизвикале воодушевување и чуство за естетска убавина и божественост. Вулканите ја создале лискон карпата, најпогодна за гравирање, и силексот /регион најбогат со овој неметал, а по својот состав најцврст во светот/. Идеална можност за појава на првите знаци и цртежи по карпите и камењата. Предците на тие места оставале пораки до идни генерации во форма на вградени, сликани форми и скулптури, за трајно дефинирање на кулртурно, историско и археолошко наследство..


Првите и најбројни изработени гравири купули (вдлабнати полутопки), се всушност првите и најстари познати знаци со кои нашите предци комуницирале - пронајдени во овој регион, по што сме единствени во светот. Овој тип на гравири се првите духовни манифестации на праисторискиот човек, кој првин ги набљудувал природните вдлабнатинки за кои немал објаснување како тие настанале. Купулите се среќаваат со различна форма, големина, како и распореденост. Целата територија на Македонија е Музеј под отворено небо, со најмногу откриени и сочувани карпести гравири. Осоговијата, која се наоѓа во сверноисточниот дел, е најголемиот репрезент и основа на севкупното културно наследство. Во времето кога природните рецки и цртички, како и вдлабнатинките го привлекле вниманието на нашите предци и кога тој почнал да размислува за тоа што се тие мали безбројни светилнки кои преку ноќта го красат небото над неговата глава, почнал и процесот на развојот на карпестата уметност.

Легендата од овие краеви вели: Набљудувајќи ги ѕвездите на небото праисторискиот човек заклучил дека тоа се душите на секој човек кој ќе се роди на земјата, додека метеорите кои паѓаат се оние ѕвезди кои се гаснат откако некој ќе почине правејќи дупчиња на земјата. Тоа е и причината која ги поттикнала да почнат и самите да изработуваат вакви длабнатини, подоцна поврзувајќи ги со мали каналчиња. Поврзувањето на купулите со каналчињата, значи поврзување на сродните души на починатите.


По купулите, почнале со гравирање на ретикулите или мрежестите гравири. И овие гравири настанале по пат на набљудување на природно изгравираните форми и по набљудувањето на паѓањето на метеорите. Тие понекогаш се распоредени налик на ѕвездениот систем, во круг, триаголник, во низа по две и повеќе купули, крстовидни гравири, идолиформи, во форма на лак и многу други. Овие гравири, се првите никулци на светската писмености, факт кој упатува на рани почетоци на развојот на писмена култура. Тие понекогаш имаат многу комплексна форма, а понекогаш се среќаваат поедноставни и асоцираат на букви од денешниот алфабет. Вакви гравири во поголема концентрација се наоѓаат во Кумановските села: Добрача, Становац, Пузаљка и другите села. Во Македонија се наоѓаат бројни гравири од овој тип во одлична состојба.



Следат крстовидните гравири, како трет духовен производ на нашите предци. Понекогаш ваквите гравири се толку чести што и самото место каде се наоѓаат ови видови гравири го носат името: Крст, Крстат Камен и сл. Откриените крстови од праисторискиот период со леви и десни свастики, пентограми, зборуваат за факт дека симболите на главните филозофско-религиозни правци имаат своја аналогија на карпестите примери откриени на оваа територија Не случајно овој гравир постанал симбол на христијанското учење.

Доколку праисторискиот предок сакал да покаже човечка фигура во ритуален танц, тој исцртувал крст, чија долна линија има брановидна форма. Крстот чии страни завршуваат со купули од карпата постојат во с. Талашманце, единствен по својата форма, ретка форма на гравир, кој се среќава во светот. Има комплекси од гравири со исклучива крстовидна форма, каде крстовите се во различен распоред и големина. Крстови во контекст на: ретикули, идолиформи (гравири кои претставуваат божества) и др. Во Кочанскиот регион постојат крстовидни гравири, од кои е создаден совршен крстовиден писмен систем, кој подоцна широко бил употребуван на Балканските простори.

Не е мал број на откриени соларни симболи во различни форми и симболи. Бројноста на карпестите гравири што го претставуваат сонцето покажува дека Македонија е лулка на култот на сонцето. Од таму симболичната поврзаност на центарот на сонцето со центарот на земјата кај гравирите од локалитетот “Ѓаволска Црква“, с.Руѓинце, како и во с. Младо Нагоричане, Кумановско. Импресивен комплекс од гравири од типот аркуформи, или форми на стрела има во месноста: “Писан Камен“ во с. Железница, Кратовско, содржински најбогат во светски рамки. На местото “Илин рид” во с. Опила, Ранковце има цртежи кои немаат преседан во консталацијата на божества, прекрасен комплекс од идолиформи, поврзано со плодноста, раѓањето и сл. Во местото “Орлов Камен“, во с.Трновец, Кратовско, постои божество на плодноста, Над божеството е исклесано и името на божеството кое започнува со буквите КОК.....додека последните букви не се идентификувани поради оштетеност. Тоа значи дека се почитувале божества кои не биле познати во нејзиното соседство, нешто што го потврдува и фактот дека карпестата уметност е основа и на религиозното наследство на светската цивилизација.



На локалитетот “Цоцев Kамен” може да се види Сликана карпеста уметност од времето на доцен неолит и рано бронзано време.

Во с. Дебеше, Кавадаречко врз една цврста мермерно-магнезитна карпа забележани се најмалите купули во светот, чија длабочина и широчина се мерат со дел од милиметарот.



На местото “Плочи” во с.Нежилово е открина првата астро карта во светот каде со повеќе од 3000 мали вдлабнатини се представени ѕвезди, неколку соѕвездија, метеори а на средина Месечина.

На територијата на Македонија се среќаваат гравири од сите стилистички периоди со сите форми и димензии, досега познати во светот. Најзначајни ликалитети со карпеста уметност во Македонија се: Опила, Трновец, Долно Јаболчиште, Десово, Црн Камен.

Мора да се спомене и комплексот “Чамот“ во с. Смоларе, каде на сосема мала површина постојат минијатурни карпести гравири. Изненадува фактот дека сите овие гравири се изработени со прецизно тенка линија, како да се изработени во време кога карпата била во поинаква агрегатна состојба. Овој комплекс остава впечаток како да претставува праисториски Универзитет, комплекс прв од ваков вид во светот. Со откривањето на гравирите, како што стручно се нарекуваат пиктажи се стави последна коцка во мозаикот наречен форми на карпестата уметност во Македонија.

Такви видови има и по долината на реката Пена, Тетовско. Формите на овие видови гравири се различни, обични линии, форми на животни и геометриски фигури. Праисторискиот културен деец се обидел и тоа со успех природно оформените карпи во вид на човечка фигура со помош на брзите води на Пена да ги преобрази во човечки фигури со маска. Ваквите творби немаат преседан во карпестата уметност во светот.

Според стилско тематската содржина на еден гравиран комплекс карпестата уметност во Македоија ја има во неколку периоди и тоа: 1. Шематски период (5.300 - 3.400 г. пр. н. е.); 2. Симболичен период (3.400 - 1.800 г. пр. н. е.); 3. Геометриски период (1.800 - 200 г. по н. е.); 4. Период на христијанизација.



Од времето на шематскиот период имаме прекрасно гравирани комплекси во Кратовскиот регион. Доминира темата: Церемонија на породување. Мајката е претставена со поголем крст, додека детето е претставено со помал крст. Сите човечки фигури се претставени со помали или поголеми крстови, во зависност од желбата да се претстават деца и возрасни. Има и претстави на домашни животни, овца и куче, кои се претставени сосема шематски. Најдобар претставник на симболичкиот период е унијата од два гравира, каде едниот гравир го претставува сонцето, додека другиот гравир ја претставува земјата, која е претставена со крст врежан во круг. Центрите на овие два гравира се поврзани со линија за да се покаже симболичната врска на земјата со нејзиниот животен извор сонцето.


Дека во Македонија културно се делувало и тоа во континуитет со милениуми потврдува и фактот што во с. Војник, Кумановско, е откриен карпест гравир од типот идолиформи (божества), кој е скоро идентичен со орнаментот изработен во едно перниче во селото Бељаковце, Кумановско. Жената која го изработила перничето до денес не го видела гравирот од с. Војник. Тоа недвосмислено покажува дека праисториската култура живее во потсвеста на македонскиот гениј. Присуството на купулите од времето на палеолитот, па се до неколку века по новата ера и нивно преточување во домашните ракотворби се уште еден многу битен показател дека на македонскиот простор културно се создавало во континуитет. Луѓето доаѓале на овие простори, заминувале, но секогаш имало една компактна маса на луѓе кои секогаш живееел и опстојувале и многу повеќе влијаеле врз духовниот развој на околните жители отколку што тие трпеле влијанија однадвор.


Центар за Карпеста уметност во Македонија

На 14 септември 1994 г. е откриен гравиран сончев симбол Сличен на знамето на Македонија. Гравирот е откриен од Македонско-италијанска научна експедиција во с. Трновец, Кратовско. Тоа е универзален симбол со силно изразено симболично значење.

На конгресот на IFRAO во Италија 1995 г. авторот на монографијата “Карпеста уметност основа на светската уметност”, Душко Алексовски, е вбројан меѓу 2000 најзначајни личности во светот во XX век.

На ридот во месноста Орлов Камен во с. Трновец Кратовско на 7 октомври 1998 г. е отворен Резерватот за карпеста уметност. Тука е првата карпа каде е потврдена предпоставката за постоење на карпестата уметност во Македонија. Се протега на 1.200 м2 од вливот на на Крива Река во реката Пчиња се до бугарска граница. Во тој потег речиси нема камен кој што не бил предмет на духовна манифестација на праисторискиот човек.

Светски Конгрес на карпест уметност беше одржан во Скопје од 14-21 јули 2002 г. А на 21 јули 2002 г. донесена е одлука за формирање на Светска академија за карпеста уметност, единствена ваква високонаучна институција во светот со седиште во Скопје.

Во Кратово 24 фебруари 2006 г. за прв е отворена Постојана изложба, и за сега единствена од ваков вид во Балканскиот регион, посветена на карпестата уметност. Македонскиот центар планира отворање регионални центри за карпеста уметност во Битола, Прилеп, Гостивар, Тетово, Велес, Охрид, Штип, Кочани, Делчево, Гевгелија, Кавадарци, Виница, Берово Радовиш и Крива Паланка. Карпестата уметност влезе и во образовниот процес преку предметот историја за прва година. Во тек е постапката за изградба на зграда на Центарот за карпеста уметност на Македонија со постојана поставка - Лапидариум, Музејски простории, простор за Светската академија за карпеста уметност и др.

Врз основа на се она што е направено на истражувачки план, институциите од областа на карпестата уметност во светот одлучија Македонија по втор пат 2009 г. да биде организатор на најголемиот светски собир, на Конгресот на истражувачите на карпестата уметност.

Архива на блогот

Site Meter