Пребарај го блогов

среда, јули 26, 2006

Мостот на Пчиња кај Драгоманце два месеца чека санација

Мостот на Пчиња кај Драгоманце два месеца чека санација




Новиот мост го чекаат учениците од Драгоманце, но и туристите заинтересирани за Кокино



КУМАНОВО - Мостот на реката Пчиња, поради дотраеност, се урна на 20 мај годинава и до ден-денес не е поправен и покрај неколкуте ветени рокови од страна на надлежните локални институции во Општината Куманово и Фондот за патишта од Скопје дека истиот во најкратко време ќе биде саниран и повторно ќе се воспостави сообраќајот за потребите на жителите на триесетина села во Козјачијата.

„Сега сообраќајот отежнато се одвива преку алтернативниот мост од Коинце, односно споредниот заобиколен пат покрај ова село. Извесно време до крајот на учебната година децата кои учат во Основното училиште „Христијан Карпош" во Драгоманце, преку реката ги превезувавме со тракторски приколки. Досега, во изминатите два месеца, се пропуштени неколку ветени рокови за санација на мостот, меѓутоа, зошто не се испочитувани, не ми е познато", вели градоначалникот на Старо Нагоричане, Ласто Димковиќ, во чии атар се селата од козјачкиот крај засегнати со овој за нив важен објект.

Последната шанса за санација на мостот е пропуштена во деновите пред летната долгодневица на 21 јуни кога ноќта на Мегалитската опсерваторија Татиќев Камен во Кокино беше одржан музички хепенинг во присуство на неколку илјади посетители од сите краишта на Македонија. Министерството за транспорт и врски и Фондот за патишта не го исполнија ветувањето дека мостот ќе биде оспособен за сообраќај во пресрет на овој голем настан.

„Новото ветување од Фондот за патишта е од пред неколку дена и гласи дека санацијата ќе заврши од 10 до 15 идниот месец", изјави вчера градоначалникот на Старо Нагоричане, кој се надева дека новиот мост со особено задоволство ќе го дочекаат учениците од Драгоманце, но и сж побројните туристи од земјава и од странство заинтересирани да се запознаат со феноменот на Мегалитската опсерваторија во Кокино. (Ст.Б.)

1 коментар:

Анонимен рече...

Keep up the good work » »

Архива на блогот

Site Meter