Пребарај го блогов

петок, јули 28, 2006

За „Прохор“ прашаа колку да се праша

Ивица АНТЕСКИ
Голема е веројатноста на Илинден да нема македонска делегација во манастирот „Св. Прохор Пчињски“. Дознаваме дека се мали шансите српската страна да одговори позитивно на македонското барањето на 2 август официјална делегација да го посети манастирот во кој пред 63 години беше основана современата македонска држава.
Од Министерството за надворешни работи информираат дека барањето за посета го доставиле до српската амбасада во Скопје, а преку македонската амбасада во Белград и до тамошното Министерство за надворешни работи. Според процедурите, српската влада би требало да се обрати до Српската православна црква (СПЦ), во чија сопственост е манастирот.
Од Врањската епархија на СПЦ, која е надлежна за „Св. Прохор Пчињски“, не сакаа да кажат дали добиле барање за да одобрат посета.
- Владиката Пахомије е на патување, заедно со секретарот. До понеделник нема да може да дознаете дали на македонската државна делегација ќе и одобрат посета на манастирот - велат од епархијата.
Според Договорот за протегање и опис на државната граница меѓу Македонија и нејзиниот северен сосед, дефинирани се начините на кои ќе се одржуваат и посетуваат објектите од заеднички интерес, меѓу кои спаѓа и манастирот „Св. Прохор Пчињски“.
Илинден и годинава се совпадна со заладувањето на односите меѓу Македонската и Српската православна црква, а врз односите на двете држави влијаеше и пресудата за Јован Вранишковски зад кого застана СПЦ и дел од српската јавност.
Програмата за одбележување на Илинден, што ја изработи Министерството за култура, предвидува местото каде што се одржа АСНОМ да го посети државна делегација. Според програмата, за составот на делегацијата и организирањето на посетата е задолжено Министерството за надворешни работи. Голема е веројатноста делегацијата, ако воопшто ја има, да биде на ниско ниво. Сигурно е дека во неа нема да биде министерката за надворешни работи, ниту пак некој друг повисок државен претставник.
Според програмата на Министерството за култура, во меморијалниот центар во кумановското село Пелинце е предвидено да зборува претседателот на Собранието. И овој дел од програмата се уште е неизвесен, имајќи предвид дека новиот претседател на парламентот најверојатно нема да се избере до 2 август.

Архива на блогот

Site Meter