Пребарај го блогов

недела, јули 23, 2006

С. Старо Нагоричане

С. Старо Нагоричане

Повеќе од седум века црквата Свети Ѓорѓи го штити од зло кумановското с Старо Нагоричане. Мештаните веруваат дека стариот храм им носи среќа. Велат дека и во најтешките мигови од животот утеха наоѓале во него. Доаѓаат за празници и во неделите кога има богослужби. Најубаво е за Ѓурѓовден кога има слава. Тогаш во Старо Нагоричане се собираат луѓе од сите околни села. Го слават и Свети Сава. Во негова чест во црквата има богослужба, а во основното училиште во селото за добар успех и добро здравје на учениците се крши славска погача, одбележувањето е со голема традиција. Мештаните велат дека тоа е ден кога побогатите луѓе им даваат подароци на децата кои се школуваат. Празник кој треба да се помине со семејството на скромна трпеза.


Стариот храм не може никако да се одмине. Тој е издигнат сред село на една височинка над главната улица по која се стигнува до општината. Под црквата и над неа меѓу високите дрвја има убави стари селски куќи кои можеби се изградени уште пред стотина години. Дебелите sидови во нејзината внатрешност ги красат живописни фрески.

Веднаш над главната голема влезна врата е насликана фреска со успетието на Богородица, на двата странични sида збиено еден до друг во повеќе редови се насликани светци. Зад олтарот со богат иконостас се наsира огромна фреска со тајната вечера. Црквата според легендата била изградена многу порано од 14 век. Неа ја направил Роман Диоген уште во Римско време во чест на големиот пророк Прохор кој долго време живеел сред село како испосник во една мала пештера. Веднаш над црквата до селската чешма се уште постои пештерата на пророкот Прохор. Сега до неа е изградена една мала црквичка и целиот простор кој е уреден и ограден се верува дека е свето место.



Според легендата Роман еден ден кога бил на лов во шумата која се наоѓа веднаш над селото ранил една срна. Животното му побегнало и се скрило во пештерата каде што живеел Прохор. Следејќи ги трагите од крв тој стигнал до пештерата на пророкот. Сакал да ја застрела срната, но Прохор му рекол дека за многу кратко време тој ќе стане цар ако не ја убие. Роман Диоген го послушал пророкот Прохор, го спуштил нанишанетото копје и си заминал. По неколку години тој се вратил во Старо Нагоричани, но облечен во царска облека со круна на главата. Дошол да го види Прохор и да му се заблагодари за убавото пророштво. Пророкот повеќе го немало во пештерата. Си заминал од селото оти мештаните му станале здодевни со нивните чести желби да им ја претскажува иднината. Тој нашол ново живеалиште - манастирот Прохор Пчински кој е во близина на селото Старо Нагоричане.



Царот Роман за сеќавање на Прохор кај неговата пештера изградил голем храм. Но, времето ги нагризало камењата, војните ги попуштиле темелите и стариот храм се урнал. Во 1313 г кога во Старо Нагоричане дошол цар Милутин и на местото на старата црква изградил нова која била многу слична на таа што ја направил Роман Диоген за Прохор. Од тогаш до сега црквата не е многу изменета.

2 коментари:

Анонимен рече...

Best regards from NY! » »

Анонимен рече...

Bravo be zemljak! Alal da ti e. "Ne prassuvaj ssto mozze da stori zemjata za tebe, tuku ssto mozzess ti da storiss za zemjata" rekol eden politiccar.
Se najdobro!

Архива на блогот

Site Meter