Мистериите на карпите и ѕвездите
Средбата на сонцето и планината во Кокино претставува брак на два бога
Фотографот Љупчо Илиевски од Скопје го посочува погледот што се има од „тронот" каде што се верува дека свештениците седеле за да го следат цикличното извишување на сонцето и месечината преку засеците во планинските гребени | |
Каде почнаа науката и религијата? Двајца мажи во сино стоејќи на една планина во североисточна Македонија тврдат дека тоа почнало од тука, во античкиот свет храм наречен Кокино. Само пред пет години археологот Јовица Станковски и астрофизичарот Ѓоре Ценев копаа низ остатоците од бронзената ера во близина на врвот од оваа неовулканска планина висока 1.000 метри кога забележаа одредени засеци во гребенот кои беа израмнети со позицијата на сонцето и месечината во нивното сезонско извишување. Една година подоцна, пронајдокот беше проценет од страна на НАСА и Кокино сега се наоѓа на четвртото место од кратката листа најстари опсерватории во светот. Веднаш под врвот, засечените гранитни карпи и рачно исклесаниот трон го сочинуваат она што се смета за македонски Стоунхенџ, една од најголемите праисториски опсерватории во светот - единствената досега откриена во Источна Европа, која се споредува со Ангкор Ват во Камбоџа и Абу Симбел во Египет.
Како момчиња во потрага по богатство, Ѓоре и Јовица се движеа низ локацијата, возбудено покажувајќи кон секој маркер или засек, несвесни за огромната жештина, изнесувајќи ги своите теории. Ова било, како што веруваат, направено од пагански култ во еден од првите познати напори за создавање календар. Слично на познатите сцени во филмот „Јавачите на загубената арка", сонцето тука би се искачило на солстицијот и би испуштало зраци низ засеците во карпите. Потоа сончевите зраци ќе го осветлеле лицето на највисокиот свештеник, покажува нивната теорија, кој седел на камениот трон. Средбата на сонцето и планината претставува брак на два бога, и во тој момент почнувале серија жртвувања - на коњи, бикови, овни, кози, па можеби и луѓе. Пролеаната крв би ја оплодила земјата, ветувајќи изобилие во претстојната сезона, а единството меѓу небото и земјата, меѓу боговите и луѓето, би било очигледно.
Овие ритуали се планирале според движењата на небеските тела, величајќи ги првите мерења на времето и овозможувајќи формирање организирано општество кое ќе знае кога да ја сее жетвата, кога да жнее, кога да ги одведе козите и овците на пасење. Претходно луѓето живееле во номадски племиња, живеејќи од она што можеле да го уловат или соберат, без оставина од наука или религија. Меѓутоа, Станковски и Ценев, исто така, наведуваат дека ова е период кога религијата и науката се разидуваат, кога овие антички следбеници откриваат дека секој има сопствени квалитети различни од оној другиот и тоа разидување продолжува и денес, па дури и се продлабочува.
Вител на мистерии
Астрономската ориентација на Кокино ја поттикнува контроверзноста меѓу скептичните археолози кои едноставно не веруваат дека случајниот венец од гребени може да се нарече опсерваторија во вистинска смисла на зборот. Меѓутоа, Македонија изобилува со мистерии, решливи и поинакви. На оваа експедиција дознавме дека тимот дешифрирал долго време конфузен среден текст на розетскиот камен, столб од камен со релјеф, натпис и слика на предната страна што ги одгатна хиероглифите. На каменот има три јазика, најгорниот е антички грчки, а последниот египетски хиероглифи; долго време се сметало дека средниот текст е непозната комбинација од овие два. Но, не е така, тврдат Томе Бошевски и Аристотел Тентов: "Тоа е македонски и изворен текст за двата превода што го поддржуваат тоа".
Потоа тука има целосно нерешени загатки. Златниот саркофаг на Александар Велики, што би можело да донесе непроценливо богатство денес, никогаш не е пронајден, а има и такви кои веруваат дека неговото тело сж уште лежи во неоткриена гробница. По должината на Маркова Река, во непосредна близина на Скопје, каде што жолти флеки се видливи на бреговите, некои археолози претпоставуваат дека Златното руно било засолнето во пештера. Темпларите марширале низ големите римски патишта што минуваат низ Македонија на враќање од Ерусалим, каде што некои веруваат дека го украле ковчегот во кој се наоѓале двете камени плочи на кои биле испишани Десетте божји заповеди... можеби и тој е закопан тука некаде.
Каде започна уметноста?
Надвор од Кратово, стар рударски град изграден на изгаснат вулкански кратер, се сретнавме со д-р Душко Алексовски, кој има дипломи по филологија, археологија и палеолингвистика. Тој е познат како човекот кој ја откри уметноста во карпите во Македонија во 1991 година, датум кој коинцидира со новото раѓање на оваа држава, и има лоцирано повеќе од милион праисториски цртежи на карпи и гравури. Алексовски нж доведе до неговото најелаборирано откритие, Цоцев Камен, екстремно жешка и тешка за искачување базалтна карпа позната по неолитските церемонии за плодност и вино, каде што мистеријата најверојатно е во тоа зошто некој би изградил храм токму тука. Качувајќи се од задната страна минавме покрај мртва змија што до неодамна го чувала муралот од петроглифи стари околу 20.000 години. Алексовски ја крена раката и покажа кон неколкуте серии симболи испишани на карпите, како и кон личноста на која ч се восхитувале, што тој го нарече „дрво на животот" и конечно кон еден човек и бојна кола. Подоцна во неговиот Музеј од уметност на карпа, преполн со онолку сведочења за неговите откритија колку негови вистински откритија, како и сувенири тегли со засладени смокви и домашна ракија, ни го пушти Боб Марли низ компјутерските звучници и наздрави. „Верувам дека уметноста на карпите е срцето и душата на Македонија. Тоа е почетокот на сета уметност!".
Адам од Македонија
Во златно житно поле во близина на разгрането ореово дрво, во непосредна близина на селото Говрлево, постои провалија три метри длабока и можеби 10 метри широка. Ова е местото каде што есента 2000 година Милош Билбија, археолог од Музејот на град Скопје, откопа глинена фигура на обезглавен контемплативен маж, статуа што датира од пред 7.500 години. Малата скулптура е навистина реалистична, со боја на кожата на печена земја, добро дефинирани мускули, видлив ’рбет, па дури и скршен пенис, и заоблен диск во неговиот стомак кој го претставува Сонцето, неговиот соларен плексус. Ми беше кажано дека ова е најстарата изрезбана фигура на човек што некогаш била пронајдена, и со понизна дрскост Билбија, го нарече „Адам од Македонија". Тој вели дека таа е од огромно значење бидејќи ја решава големата мистерија: ни кажува кога човекот ја променил својата свест за тоа кој е.
Претходно сите неолитски предмети пронајдени низ светот беа на божици, околу педесетина беа пронајдени малку подлабоко во оваа иста провалија. Во слојот над овој керамички човек, беа ископани метален накит и копчиња кои го одбележуваат почетокот на бронзената ера. Билбија наведува дека овој Адам кој седи, можеби со задникот е во неолитот, но со очите гледа кон мегалитската ера. Оваа мала фигура го одбележува моментот кога луѓето почнуваат да ја воочуваат разликата меѓу човекот и другите животни. Ние не сме во природата, наведува тој, туку над неа надвор од неа и поинакви - или барем сж досега така верувавме. Можеби ова признание овозможува воздигнување на духовноста, сознание дека ние имаме душа. Можеби космологијата на класичниот свет се рефлектира околу оваа бездна - златно руно во реката, природно изобилство од грозје што доведува до света опиеност на виното, фурни за леб што во буквална смисла на зборот предизвикуваат подем на аграрната исхрана... Тоа се случило тука, во, како што Билбија вели, „папокот на светот".
Клечиме над оваа витална провалија, просејувајќи го песокот на историјата, додека децата од блиското село Говрлево си играат во градините. „Имаме илјадници музичари, но само еден е Моцарт - тогаш имало многу свештеници, но само еден гениј. Потребен е само еден човек за да се промени светот". Можеби тој човек бил Адам од Македонија, или мајсторот што го создал и нж упати на трнливиот пат на цивилизацијата.
Нема коментари:
Објави коментар