Пребарај го блогов

четврток, јули 20, 2006

СВ. ЃОРЃИ-СТАРО НАГОРИЧАНЕ

СВ. \ОР\И-СТАРО НАГОРИЧАНЕ

Над западната влезна врата на црквата Св. Горѓи, во селото Старо Нагоричане, се наоѓа врежан натпис во кој стои дека црквата ја подигнал кралот Милутин во 1313 година. Вториот натпис, што се наоѓа на југозападниот внатрешен ѕид, ја споменува годината 1317-18 која се однесува на датата кога црквата била живописана. Всушност, црквата била подигната на остатоците од еден постар храм од XI век, кој според едно старо предание го изградил византискиот цар Роман IV Диоген (1067-1071). Постои легенда поврзана со името на пустиножителот Прохор Пчински кој живеел во една пештера во близината на оваа црква уште пред таа да биде изградена.

Од старата базилична основа зачувани се ѕидови во височина од 4 до 5 метри, работени од убаво клепан камен. Со додавање на конзоли, создадени се можности за надѕидување на горниот дел во крстообразен изглед.

Црквата во Старо Нагоричане е петкуполна трикорабна градба во форма на впишан крст со издолжен травеј кон источниот и западниот дел. Внатрешниот крстообразен изглед е формиран со полукружните сводови преку столбовите и пиластрите. Над централниот дел се издига голема осмострана купола, а во аглите се распоредени четири помали кубиња. Олтарната апсида од внатрешната страна е полукружна, а однадвор во горната половина петострана. По својата архитектонска концепција оваа црква е слична на црквата Св. Богородица, на манастирот Матејче. На јужниот и на северниот ѕид однадвор се забележуваат пиластри, остатоци од постарата црква, на западната страна исто така се зачувани урнати ѕидови и отвори за греди на некогашната припрата.

Целата внатрешност по ѕидовите, столбовите и сводовите, исполнета е со добро зачуван живопис. Најугозападниот столб и на северниот ѕид, во средината на црквата, ги наоѓаме имињата на зографите кои ја живописале оваа црква. Тоа се Евтихие и Михаило, автори на живописот на охридската црква Св. Богородица Перивлептос (Св. Климент), од 1295 година, и манастирот Св. Никита во Скопска Црна Гора, кој исто така е обновен од кралот Милутин.

Живописот во Старо Нагоричане претставува квалитетен развиток на стилот од XIV век и според уметничката вредност го надминува живописот во Св. Никита. Циклусите се претставени на наративен начин, во смисла на реализмот што владеел во тоа време. Фигурите се изведени во живо движење и динамика, со очигледен стремеж да се диференцираат ликовите. Композициите, иако понекаде пренатрупани со ликови, делуваат јасно со правилното сместување на волумените во просторот. Понекаде е задржан принципот на симетричност и монументализирање на ликовите, како што е случајот со композицијата „Причестување на апостолите", во конхата на олтарната апсида. Особено се истакнуваат композициите од животот и страдањата на Христа, меѓу кои: „Тајната вечера" и „Миење на нозете", на јужниот ѕид во олтарниот простор, „Предавството Јудино" на јужниот ѕид, „Распјатие", „Одењето на Голгота", „Качување на крстот" и „Подбивање со Христа" на северниот ѕид. Интересна е ктиторската композиција во приземната зона од северниот ѕид, во која покрај кралот Милутин, е претставена и неговата млада жена Симонида.

Како реткост во македонските средновековни цркви во Старо Нагоричане е зачувана и првобитната олтарна преграда (иконостас) изработен од камени столбови, орнаментиран архитрав и парапетни плочи. На двете полиња, лево и десно рд царските двери, зографите Михаил и Евтихие го насликале св. Ѓорѓи, патронот на црквата и Богородица Пелагонитиса. Кај нас тоа е единствен пример на икони изведени во фреско.

1 коментар:

Анонимен рече...

Best regards from NY! » »

Архива на блогот

Site Meter