Пребарај го блогов

недела, јули 23, 2006

Mанастир Забел с. Старо Нагоричане

Mанастир Забел с. Старо Нагоричане

Црквата "Пресвета Богородица" во манастирот "Забел" е изградена 1330 година, но како и повеќето православни светилишта во Македонија, во времето на турското владеење била целосно срушена. Според легендата што ја прераскажуваат жителите од овој крај, од разурнатиот манастир останале само три гроба во олтарот. На некој човек од селото му се сонило дека во еден од гробовите има скриено богатство, со кое треба да се обнови стариот манастир. Тој навистина откопал злато, а потоа отишол кај игуменот во матејчкиот манастир да побара согласност од Цариград да му дозволат да го подигне светилиштето. Обновата почнала во 1852 година. На темелите на старата црква, со димензии од 12 на 7 аршини, за четири години бил изграден новиот храм. Мајсторите го поставиле и олтарот, но не успеале докрај да го изработат фрескоживописот и внатрешно да ја уредат црквата. И по толку години постоење, досега никој не се нашол да ја уреди црквата.

Манастирот "Забел" се наоѓа на тромеѓето меѓу селата Никуљане, Старо Нагоричане и Челопек, на петнаесетина километри од Куманово.

Местото на кое е изграден потсетува на гнездо. Неговата скриеност од сите страни и зафрленоста не биле пречка ова духовно светилиште некогаш да врие од луѓе и живот.

"Порано тука се вкрстувале многу патишта, па во манастирот доаѓале многумина верници и патници-намерници, кои ноќевале во конаците. Со својата плодна земја и густа шума, манастирот бил еден од најбогатите во земјата. Го опслужувале дваесетина семејства, кои одгледувале над 200 овци, 20 грла крупен и ситен добиток. Во манастирскиот двор имало неколку бунари, амбари, воденица за мелење брашно, фурна и се друго што му требало на едно богато селско домаќинство. Во него, се до средината на минатиот век, живееле и калуѓери. По војната тие биле протерани и животот во манастирот замрел", вели Слободан Јовановиќ од Старо Нагоричане, претставник од црковниот одбор.

Негрижата и запуштеноста довеле до целосно распаѓање на конаците, шталите, помошните простории. Распаднати се и манастирските порти. Руинираните објекти немо сведочат за негрижата на човекот кон духовното наследство.

Црквата "Успение на Пресвета Богородица", сепак, успеала низ вековите да му се спротивстави на времето и да зачува дел од убавината што и ја дариле градителите. Но, пред две години од црквата се украдени четири икони стари над сто педесет години. Иконата на Мајка Богородица и уште три други, со димензија од метар и половина на седумдесет сантиметри, се извадени од нејзиниот олтар. Ги изработил познатиот живописец Дичо Зографот и нивната вредност е непроценлива. Од нив се уште нема никаква трага. Постарите жители велат дека ова не е прва кражба и дека судбината на оваа црква е многу тажна, бидејќи никој вистински не сака да се заложи за нејзино обновување.

На празникот Голема Богородица манастирот беше преполн со народ и верници, кои дојдоа на прославата. Во дворот на црквата се делеше манастирско гравче, а на празничната трпеза имаше многу гости. На ливадите и полјанките во дебелите дабови сенки, луѓе на сите возрасти уживаа во прекрасната природа, далеку од градската жега.

- Ова место е Божји рај. Тука природата е недопрена, а Господ не штедел кога ја создавал. Има се што може да се посака за одмор на душата. Сега, човекот треба да се погрижи да ги искористи овие убавини. Ние мораме да и помогнеме на црквата да го врати некогашниот сјај на ова свето место. Општината да обезбеди средства за изградба на инфраструктура и да создаде излетничко и духовно место, кое многу му недостига на нашиот крај - вели една посетителка.

Годинешнава посетеност на "Забел" за Голема Богородица влева надеж дека овој храм набрзо вистински ќе заживее и широко ќе ги прифати потомците на своите градители.

Архива на блогот

Site Meter