Пребарај го блогов

вторник, јули 18, 2006

Падна мост на реката Пчиња, повредени нема

КАЈ КУМАНОВСКОТО СЕЛО ДРАГОМАНЦЕ
Падна мост на реката Пчиња, повредени нема

На регионалниот пат Старо Нагоричане - Арбанашко кај селото Драгоманце, вчера се сруши дел од мостот на реката Пчиња. Уривањето се случило во 11 часот додека на мостот немало никој и е направена само материјална штета. Паѓањето на еден дел од мостовската конструкција помеѓу два носечки столба било предизвикано од надојдените води на реката и поткопување на столбовите, но и поради дотраеност на целиот мост.
"Мостот е стар над 40 години и прилично беше оштетен. Досега повеќепати сме барале од Фондот за одржување на магистрални и регионални патишта да се поправи, но никој не ги прифати нашите укажувања. Среќа што немало возила или луѓе по мостот, бидејќи можело да се случи и најстрашното", вели градоначалникот на Старо Нагоричане Власто Димковиќ, кој заедно со екипата на Македонија пат и полицијата бил на местото на настанот. Уривањето на мостот го виделе неколку рибари кои ловеле на реката и веднаш ја известиле полицијата. Екипи на Македонија пат поставиле светлосна сигнализација за опасност за движење по мостот и тој е затворен за сообраќај. Со тоа се отсечени над 18 села од козјачкиот регион. За време на викендите овие села се полни со луѓе и нивното поминување со автомобили е неизвесно. Градоначалникот Димковиќ не знаеше што ќе се преземе за да се поправи мостот и да се воспостави патниот правец. Преку овој мост се поминува за да се стигне до Мегалитската опсерваторија Кокино. Пред неколку месеци во Куманово, министрите за одбрана и култура, Јован Манасиевски и Благој Стефановски, најавија дека ќе го поправат патот за да привлечат што повеќе туристи. Тие ветија дека патот ќе биде готов до мај оваа година, но не само што се уште не е почнато да се работи на проширување на патот, туку во меѓувреме падна и мостот.

С.Николиќ

Архива на блогот

Site Meter