Пребарај го блогов

сабота, мај 20, 2006

ОПСЕРВАТОРИЈА СТАРА 35 ВЕКА

АРХЕОЛОГИЈА

Сензационално откритие на локалитетот "Татиќев Камен" во кумановско

ОПСЕРВАТОРИЈА СТАРА 35 ВЕКА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Според пронајдената керамика на локалитетот "Татиќев Камен", тој датира од крајот на бронзеното време и т.н. "преоден период", т.е. период на преодот од бронзеното во железното време.
  • Староседелците дошле до оригинална идеја - да го забележат појавувањето на сонцето во некоја точка на хоризонтот и бидејќи во текот на годината сонцето ја менува точката на изгревот по источниот хоризонт, кога повторно ќе се случи да изгрее на истото место, значи дека годината завршила и циклусот се повторува.

На локалитетот "Татиќев Камен" е откриена астрономска опсерваторија стара 35 века од каде што тогашните жители ја набљудувале и ја фиксирале патеката на сонцето во текот на годината. Ова откритие фрла поинаква светлина врз народите што живееле на "Татиќев Камен".

Локалитетот се наоѓа во атарот на село Кокино, во североисточниот дел на кумановскиот регион, денес административно во Општината Старо Нагоричино. "Татиќев Камен" е исклучително значаен и редок објект и од археолошки аспект, но и како извонредна природна реткост. Поради тоа би требало веднаш да биде ставен под заштита како споменик на културата и природна реткост од прва категорија.

БОГАТ ЛОКАЛИТЕТ

Локалитетот "Татиќев Камен" го открила екипа од Народниот музеј - Куманово по еден увид на теренот инициран од информацијата дека бил нападнат од дивите копачи.

Увидот го направивме во 2001 година и веднаш увидовме дека станува збор за исклучително богат локалитет, пред се на основа на керамичките фрагменти кои дивите копачи ги расфрлале околу ископаните дупки, вели Јовица Станковски, директор на кумановскиот Музеј и раководител на археолошките ископувања. Кон крајот на 2001 година направивме сондажно ископување во близина на овие оштетувања, а истражувањата ги продолживме во поголем обем во 2002 година. На основа на пронајдената керамика од ископувањата во највисокиот дел на локалитетот, заклучивме дека станува збор за периодот од крајот на бронзеното време и т.н. "преоден период", т.е. период на преодот од бронзеното во железното време. Тоа е околу XIV - XI век пред н.е., време на т.н. "Егејски преселби", кога се јавуваат поголеми раздвижувања на народите во целиот Средоземноморски и Црноморски басен. Керамиката која ја најдовме на локалитетот ги потврдува овие движења, или струења кои носат нови елементи во културата на староседелците.

Покрај остатоците од помала населба од која потекнува споменатата керамика, вниманието на археолозите им го привлекле камени седишта исечени во вулканската карпа, завртени кон исток. Меѓу нив и источниот хоризонт, се издига карпа која делумно го затвора тој хоризонт.

Во таа карпа, за хоризонтот на одредени места да биде видлив, исечени се засеци во вид на ушки (визири) и траншеи, додава археологот Станковски. Бидејќи и самиот имам некои основни астрономски познавања, сета таа диспозиција ми беше чудна и асоцираше на место од кое се вршени некои набљудувања. До оваа констатација дојдов уште пред крајот на минатата година, при првата археолошка кампања. Но, ништо не објавивме, додека астрономите од опсерваторијата "Јуриј Гагарин" во Стара Загора, Р. Бугарија, не извршија прецизни астрономски мерења и, по опработка во нивниот компјутерски центар, не ја потврдија нашата претпоставка дека станува збор за прастара археоастрономска опсерваторија кој била во употреба приближно од 1500 до 1000 години п.н.е., т.е. точно од периодот од кој потекнува најдената керамика. Значи, приближната старост на објектот исечен во карпата е 35 века, а не 25 века како што по грешка беше објавено во некои весници.

ДУХОВНА КУЛТУРА

Спротивно на она што денеска се мисли, старите народи имале богата духовна култура, познавања и владееле со многу занаетчиски вештини. Еден голем проблем, врзан за нивниот физички опстанок бил проблемот со одредувања на почетокот на годишните времиња и нивното траење.

Морало да се знае кога треба да се сее, кога да се жнее, кога да се превземаат одредени дејствија во врска со одгледувањето на домашните животни и.т.н, вели археологот Станковски. Тие знаеле дека годишните времиња циклично се повторуваат, па наједноставно било да се избројат 365 дена за да се заокружи целиот циклус на годишните времиња. Но, проблемот е што астрономската година е за 1/4 ден подолга, така што на секоја четврта година треба да се додаде еден ден и таа година има 366 дена. Но, овој податок старите народи не го знаеле и затоа брзо увиделе дека со броење на деновите во текот на десетици и стотици години се прави голема грешка. Тогаш дошле до навистина оригинална идеја - да го забележат појавувањето на сонцето во некоја точка на хоризонтот и бидејќи во текот на годината сонцето ја менува точката на изгревот по источниот хоризонт, кога повторно ќе се случи да изгрее на истото место, значи дека годината завршила и циклусот се повторува. Старите народи знаеле, исто така, дека 4 дена во годината се различни од другите, а тоа се деновите на пролетната и есенската рамноденица, летната долгоденица и зимската краткоденица. Според истражувањата на бугарските астрономи, визирите во карпата кон источниот хоризонт се така исечени што првите знаци на утринското сонце паѓаат директно на седиштата во деновите на двете рамноденици и летната долгоденица. Направен е уште и обид со сечење на широка траншеа во карпата да се подели времето на целата година на осум месеци од кое секој ќе има 45-46 дена. Имано, 46 дена по моментот на пролетната рамноденица, или пред моментот на есенската рамноденица, сонцето изгрева точно на највисокиот врв на карпата и паѓа низ исечената траншеа директно на камените седишта. Овие откритија со својата прецизност и луцидност ги зачудија астрономите, иако вакви археоастрономски опсерватории не се непознати во светот. Но, ретко кој сличен објект дава толку различни и прецизни податоци за сончевото движење како "Татиќев Камен".

За археолозите, овие податоци се од голема важност. Не само што индиректно го потврдуваат времето на подвижните археолошки наоди од локалитетот (фрагменти, керамика и др.), туку ги потсетува на работи кои често ги забораваат - дека и старите народи кои немале писмо да ги забележат своите верувања, митови, знаења и вештини, имале висок степен на социјална организација.

Во врска со изјавата на професорот Иван Микулчиќ ("астрономската опсерваторија е храбра изјава или плод на бујна фантазија") можам да кажам дека ја дал во моментот кога веројатно не бил доволно информиран за сите истражувања на овој локалитет и нивната комплексност, додава археологот Станковски. Тој е, секако, еден од најдобрите македонски археолози и неговите сугестии би биле многу корисни, но во делот на археологијата на локалитетот. Впрочем, археолошките резултати, иако полни со нови сознанија, не се спорни. На нив работеше, покрај екипата од нашиот Музеј, и д-р Драги Митревски, професор по праисториска археологија на групата за археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Но, за археоастрономскиот аспект на локалитетот можат да дадат мислење само квалификувани луѓе за таа област - астрономи, астрофизичари, физичари.

Што се однесува до називот "археоастрономска опсерваторија" тој во научните кругови е вообичаен за вакви објекти. Според археологот Станковски, него го употребуваат, пред се, астрономите кои ја проучуваат археоастрономијата, т.е. сознанието за вселената, небеските тела и појави до кои дошле старите народи.

Денес, кога ќе се каже опсерваторија, се мисли пред се на објект опремен со големи телескопи и други мерни инструменти. Но, новолатинскиот збор "опсерваториум" едноставно значи и посматрачница, т.е. место од кое се набљудува некоја појава. Во случајот на "Татиќев Камен" тоа е набљудување на движењето на сонцето, истакна археологот Станковски.

"Татиќев Камен" веднаш може да биде ставен во функција на туризмот со вложување на минимални средства (информативни табли, патокази, а пред се една мала популарна публикација за неговото значење). Тоа нема да ги попречува истражувањата кои ќе ги вршат квалификувани луѓе од секоја област без мешање на компетенциите. Само така локалитетот ќе го добие вистинското значење и научната валоризација.


По задушување на Првото српско востание во 1813 година, доселеници од Србија го основале селото Кокино во близина на импозантниот рид на чиј врв се наоѓа локалитетот. Според некои податоци постоела и постара населба од онаа које е основана во XIX век, која пострадала во XVII век во времето на Австро-турската војна и Карпошовото востание, вели археологот Станковски. По овие настани, старото население го напуштило овој крај и се иселило, а новите доселеници, од почетокот на XIX век, промениле и некои топоними во атарот на селото. Имено, во близина на селото постојат два рида и планински врв со називи Перало, Перос и Перен. Во овие топоними лингвистите го издвојуваат стариот индоевропски корен "пер" со значење - камен, карпа. Веројатно и ридот над селото Кокино имал сличен топоним во кој постоел коренот "пер", што на новите доселеници им изгледало чудно, па го смениле "Татиќев Камен".

Нема коментари:

Архива на блогот

Site Meter