Едно село - две држави
СО ПОСТАВУВАЊЕТО НА ГРАНИЦАТА МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И СЦГ, ТАТАРИНОВАЦ СЕ НАЈДЕ НИ ВАМУ НИ ТАМУ. ГРАНИЧНИТЕ КАМЕЊА ВО НЕКОЛКУ ДЕЛОВИ ОД СЕЛОТО СЕ НАОЃААТ ВНАТРЕ ВО СЕЛСКИТЕ ДВОРОВИ, ТАКА ШТО ДУРИ И ДЕЛОВИ ОД ДВОРОВИТЕ, ПОМОШНИ ПРОСТОРИИ, ШТАЛИ, ПА ДУРИ И ДЕЛОВИ ОД КУЌИТЕ ЧЕСТО НАВЛЕГУВААТ ОТАДЕ ГРАНИЦАТА
Селото Татариновац е типично планинско село. Брои дваесетина куќи со исто толку домаќинства, но за разлика од повеќето слични македонски села, неговите жители не го напуштиле. Селото е едно од оние населени места кои со поставувањето на границата меѓу Македонија и СЦГ се најдоа ни таму ни ваму. Татариновац се наоѓа на самата гранична линија, и тоа буквално. Граничните камења во неколку делови од селото се наоѓаат внатре во селските дворови, така што дури и делови од дворовите, помошни простории, штали, па дури и делови од куќите често навлегуваат отаде границата. Стариот селски пат сега служи како гранична линија, а селаните велат дека го користат заеднички со луѓето од другата страна - со договор. Татариновац територијално припаѓа во општина Старо Нагоричане, од која е оддалечен дваесетина километри, а до Куманово има уште десетина. Најблиското населено место од српска страна е оддалечено само два километра, а најблискиот српски град Прешево е на петнаесетина.
Ваквата поставеност на селото ги натерала неговите жители природно да гравитираат кон поблиската урбана населба што сега се наоѓа во друга држава. Во соседна Србија работеле најголемиот дел од оние селани од Татариновац, кои некогаш биле вработени. Селаните од Татариновац продолжиле да одат во соседна Србија и по поставувањето на границата меѓу двете држави. Овој пат нивното поминување кај пријателите, роднините, одењето на работа и на училиште станало незаконски акт. Татаринчани станале илегални преминувачи преку границата. Дури и дваесетината дечиња, кои учат во основното училиште во соседното српско село Славуевац, секојдневно илегално ја поминуваат границата.
"Станувам рано наутро, се подготвувам и тргнувам. Одам пеш до селото Славуевац во Србија. До таму има околу два километра. Во Славуевац фаќам автобус со кој стигнувам во Гимназијата "25 Мај" во Прешево. Четврта година сум, матурант. Најверојатно и по средното училиште иднината ќе ја барам во Прешево. Таму ми е најблиску, поблиску ми е од Куманово", вели Дарко Стаменковиќ, средношколец од селото Татариновац. Неговата приказна секојдневно ја поминуваат уште дваесетина основци, а десетина дечиња допрва треба да тргнат на училиште. И тие, секако, во Славуевац. Жителите на селото Татариновац одењето во соседните српски села го гледаат на поинаков начин. За нив тоа некогаш не значело одење во друга држава.
"Немаше никаква граница порано. Отсекогаш сме оделе во Славуевац и Прешево и никој не ни пречел. И јас како дете таму сум учел, а сега и моите внуци", вели дедо Миливој Стаменковиќ, чија куќа се наоѓа на самата гранична линија, а дел од дворот му е на другата страна. И Миливој ги има истите маки со поминувањето на границата. Неколкупати се обидувал да помине, но граничните служби го враќале.
"Имам до границата, од таа страна речиси два хектара земја. Летоска сакав да косам и со косата тргнав преку граница, но ме вратија назад. Сакаа да ме водат во караулата, но јас се вратив дома", раскажува дедото.
Проблемите со обработувањето на нивите, што останале зад граничната линија, ги делат и селаните од селата во соседна Србија. И тие, како и жителите на Татариновац за обработка на нивите мора да бараат специјална дозвола од пограничните служби. Оваа административна пречка за селаните од двете страни е неразбирлива, па затоа и натаму продолжуваат да минуваат и покрај сите пречки и проблеми, што попатно им се случуваат. Незаобиколен дел од животот на граница е и шверцот, што не ги одминал ниту жителите на Татариновац. Како единствен начин на егзистенција (затоа што земјоделието во овие краишта е слабо развиено), шверцот преку граница во овие краеви се развил низ годините на блокада на северната граница и санкциите во соседството. Селаните шверцувале се, нафта и бензин, прехранбени продукти, месо, животни, трактори и што уште не. Неофицијално, во моментов актуелно и доходовно било шверцувањето на пиво од што се заработувало по две и пол евра од пакет. Официјално, шверцот овде никој не го признава. Не сакајќи да дојдат во судир со законот, но и да го прекинат успешниот бизнис, селаните за овој проблем обично премолчуваат или негираат дека постои. Во очекување на ветеното-отворање на малограничен премин, жителите на Татариновац продолжуваат со секојдневниот живот на селото од граничната линија. До пролет кога преминот треба да се отвори луѓето ќе ја минуваат границата, а децата ќе одат на училиште во соседна Србија. Се дотогаш нивниот секојдневен живот ќе биде нелегален.
Игор Бајдевски
2 коментари:
This is very interesting site... fan club fiat coupe Diet pills diet gif
Where did you find it? Interesting read » »
Објави коментар