КОКИНО И СТОУНХЕНЏ ПОД ИСТ ПРАШАЛНИК
Пишува: Александар Писарев
Покрај Стоунхенџ во Англија, кој за науката сe уште претставува загатка, деновиве по двегодишни истражувања астрономот инг. Ѓоре Ценев и археологот Јовица Станковски од Народниот музеј во Куманово објавија дека на локалитетот Татиќев камен, во близина на селото Кокино во Кумановско, откриле праисториска опсерваторија од која е набљудуван космосот. Според она што е откриено таму и мегалитските камени споменици од другите краеви на Европа, од каде што нашите пражители ги набљудувале небесните тела, Кокино спаѓа во редот опсерватории од типот на Стоунхенџ и претставува, заедно со англиската праисториска опсерваторија, ретко откритие на Стариот континент.
Од кога постојат луѓето на Земјата нивните погледи се насочени кон небото и, како што вели Карл Саган во својата книга "Космос", ќе дојде време кога проучувањата ќе ни го изнесат на виделина она што сега лежи скриено.
Времето од почетокот на човековата цивилизација до денес не беше доволно да се проучи нешто толку пространо како што е космосот. Ќе бидат потребни уште многу епохи, а нашите потомци ќе бидат вџашени како некои работи, кои ним им се кажале сами по себе, ние не сме можеле да ги откриеме толку векови.
За нас, меѓу другото, и местата од кои пред многу векови нашите предци го набљудувале небото, му се поклонувале и му принесувале жртви се тајна.
Колку ние ќе знаеме да го цениме ова откритие во Кокино, останува да се види. Но пред науката да го каже последниот збор, две туристички агенции од Скопје веќе го ставија овој локалитет на своите веб-страници и го понудија како туристичка дестинација на странските туристи.
Дело на вонземјани
Многу генерации се прашувале кој и како ги направил тие споменици, исплетени се низа легенди и митови за нивното потекло, некои научници оделе дури дотаму што тврделе дека овие мегалитски споменици ги направиле вонземјани.
Ништо во врска со камените кругови не е потаинствено и помагиско од прашањето за нивното астрономско значење. Според толкувањата на Артур Кларк ("Мистериите на светот", поглавје "Кругови и исправени камења") и Карл Саган ("Космос") во сенките од мегалитските камења се собирале соплемениците предводени од врховен свештеник да го прослават најдолгиот ден во годината. Внатре во венецот на кружно наредените камени блокови биле само одбраните водачи на племињата кои извикувале: "Излегувај, о сонце! Нека темната ноќ се осветли од зракот на твојот величествен сјај!"
Александар Том вели дека праисторискиот човек ги изградил венците од кружно наредени мегалитски камења како астрономски показатели и со нивниот правилен распоред според Сонцето, Месечината и ѕвездите успел да ги определи клучните датуми во годината.
Има меѓутоа и чудни и смели теории за намената на овие мегалитски камени кругови. За Стоунхенџ е пишувано дека бил древна тркачка патека, арена за борба со бикови, воен споменик или аеродром за НЛО. Иако многумина таквите идеи ги сметаат за несериозни, денес се појавува уште една нова теорија дека древните камени кругови ја апсорбираат и испуштаат енергијата на Земјата и на Сонцето и дека ваквите камени мегалити се градени всушност на оние места каде што таа енергија можела да се апсорбира и да се користи како магија или за лекување. Некои проучувања, што ги има направено Универзитетот во Оксфорд, укажуваат дека овие камења емитираат некакви надзвучни пулсирања.
Сепак најмногубројни се оние кои сметаат дека овие камени опсерватории се всушност места и средишта за религиски свечености поврзани со некои важни моменти од животот на заедницата.
Зошто луѓето толку многу се труделе да ја осознаат астрономијата? Затоа што кога престанале да ловат газели, антилопи и бизони, кога направиле први постојани населби и престанале со миграциите во потрага по храна, својот ритамот на животот морале да го приспособат според годишните времиња. Во земјоделието, кое станува примарна стопанска гранка на заедницата, морало да се води сметка сеидбата и жетвата да се одвиваат во вистинско време. Овошјето и другите плодови созревале во определено време од годината, а не во некое друго.
Способноста да се осознае и прочита небесниот календар станало буквално прашање на живот и смрт. Состаноците на раштрканите племиња морале да се закажат во точно определено време.
Заедниците на народите низ целиот свет забележале дека сонцето периодично се појавува на одредени места во точно определено време, дека по фазата на младата месечина доаѓаат полумесечината и полната месечина.
Откритие
Пред две години на археолошкиот локалитет Татиќев камен, кој се наоѓа на триесетина километри североисточно од Куманово, археологот Јовица Станковски од Кумановскиот музеј откри големи количества керамика и многу камени мелници за жито што потекнуваат 1.500 години пред нашата ера. Но покрај овој подвижен материјал, локалитетот беше забележан и по правилно наредените мегалитски камења околу неговиот периметар. Ова го наведе архоеологот Станковски да постави смела претпоставка дека можеби се работи за праисториска опсерваторија. За да се провери ваквата претпоставка воспоставена е соработка со астрономот Ѓоре Ценев, физичар од Планетариумот во Скопје.
- Поттикнат од оваа претпоставка решив да го посетам локалитетот и да се обидам да ја разрешам дилемата - вели Ценев. - Уште при првото мое доаѓање на Татиќев камен, пред крајот на септември 2002 година, бев импресиониран од неговата зачуваност, впечатливо изработените места за набљудување на вселената. Применувајќи го искуството и знаењето од литературата, успеав лесно да ги пронајдам реперите (нишани) направени во форма на процепи во природната камена структура, кои пражителите на ова место ги користеле за прецизни астрономски мерења. Ставајќи се во улога на праисториски астроном решив и јас да ги повторам истите мерења за да докажам со сигурност дека се работи за опсерваторија. Секојдневно го посетував локалитетот и со набљудување на небесните тела низ откриените маркери успеав точно да ги определам деновите поврзани со движењето на сонцето и негови позиции, како и да ги определам пролетната и есенската рамнодневица, летната долгодневица и зимската краткодневица, односно да ги пресметам аглите на сончевата деклинација. Кога ги споредив добиените податоци со резултатите на мерењата до кои дошле на ист начин во опсерваторијата Стоунхенџ во 1963 година физичарот сер Норман Локијер и астрономот Џералд Хокинс, бев вчудовиден дека податоците се математички целосно идентични, односно и во Кокино и во Стоунхенџ сончевата деклинација изнесува точно 23,9 степени. Овие мерења недвосмислено потврдуваат дека мегалитските камења на локалитетот Кокино се всушност праисториска мегалитска опсерваторија.
Време за жетва
Откритието во Кокино без сомневање покажува дека нашите предци граделе опсерватории од каде што го одредувале ритамот на годишните времиња и својот живот и потребите ги усогласувале според нив. Некои вакви календарски градби во светот најверојатно се резултат на случајно откритие, но мегалитската опсерваторија на Татиќев камен кај Куманово, на локалитетот Кокино секако не е тоа. Според сознанијата на археолозите и на астрономите, таа спаѓа во ретки, можеби и епохални откритија чија аналогија може да биде само прочуениот Стоунхенџ во Англија.
- Локалитетот има три позиции за набљудување. Две се маркантни со седишта, а едно е место за стоење - вели Ѓоре Ценев. - Тоа се обредни позиции. Во точно одреден ден лете, и според сите индикации тоа било на празникот на жетвата, сонцето доаѓало точно на главниот нишан. Преку отворот силен зрак се вперувал кон централниот престол каде што седел владетелот (синот на Сонцето). Тоа бил знак и одобрување на врховното божество, Сонцето, за почеток на жетвата (почеток на јули) . На втората позиција, кај што се стоело, сонцето паѓало од друг маркер и означувало есен.
Значењето на Татиќевиот камен е во тоа што постои астрономска позиција за набљудување од каде што се гледаат сите маркери кои го означуваат времето на изгревање на сонцето и месечината во текот на целата година, што недвосмислено потврдува дека се работи за праисториска опсерваторија. Положбата е определена со голема прецизност до стотинка од степенот.
Учител и ученик
Дали младиот археолог и физичар имале право да се осмелат и врз основа на она што in situ го виделе да тврдат дека се работи за опсерваторија? Професорот по археологија на Институтот за археологија и историја на уметност при Филозофскиот факултет во Скопје, д-р Виктор Вилчиќ, не порекнува дека можеби од Татиќевиот камен се надгледувало небото, но смета дека е пресмело да се тврди дека се работи за опсерваторија.
- Вакви локалитети има многу низ светот и тие се резултат на хелиолатрија во религијата (обожавање на сонцето). Повеќе се во функција на светилишта, набљудувачници (тоа го потврдуваат откриената керамика и камените мелници за житото) и календари, отколку опсерватории во научна смисла на зборот. Нивната практична функција била да определат некои важни датуми за животот на заедницата, кои биле поврзани со одредена положба на сонцето и месечината. Сепак не може да се елиминира фактот дека хелиолатријата ги поттикнала свештениците, проучувајќи го движењето на Сонцето, да ги набљудуваат и проучуваат и другите небесни тела. Како резултат на хелиолатријата, вакви "опсерватории" имаме најмногу во средно и јужноамериканските стари цивилизации (Инки, Маи, Ацтеци). Слично се случувало и во Кина. Додека во Англија досега се откриени над 900 вакви "опсерватории" - вели Вилчиќ.
Практичните почетоци на реалната астрономија, која бара потврда и во математиката и физички се докажува, настанува во класичниот период на Грција со појавата на Архимед и Елпедокле. Она што пред нив се случувало е многу повеќе религија отколу наука, иако и тие имале некои точни забележувања.
Различните мислења се само почеток на вистинската научна расправа што ќе следи за Кокино. Напролет е планиран симпозиум посветен на овој локалитет. Тој може да i донесе на државава многу интересна археолошка и туристичка иднина.
Секако дека за него ќе се појавуваат нови и нови теории, но мистеријата поврзана со мегалитските камени кругови и понатаму ќе биде силна. Затоа што, како вели Артур Кларк, археологијата може да ни открие керамика, мелници од камен и едночудо подвижен материјал, но тие се само неми сведоци на минатото, ние никогаш ниту ќе ги видиме луѓето кои се собирале таму, ниту ќе ги чуеме нивните песни упатени до сонцето и месечината.
Стоунхенџ
Хронолошки, најголем број мегалитски споменици-опсерватории се изградени од 3000 до 1400 година пред нашата ера. Стоунхенџ е едно од најпознатите светски неолитски мегалитски наоѓалишта. Таму се поставени кружно 80 огромни камени блокови, од кои секој е тежок над 5 тони. Ќе остане тајна како се пренесени овие мегалити од планината Пресели, оддалечена по воздушна линија 200 километри од локалитетот. Првите теоретски расправи за тоа што претставуваат овие мегалити потекнуваат од 1901 година, кога археологот Норман Лукер го посетил Стоунхенџ и прв ја поставил теоријата дека тоа била астрономска опсерваторија и календарски систем кој функционирал врз основа на распоредот на камењата според есенската и пролетната рамнодневица и летна и зимската долгодневица или краткодневица. Многумина не ја прифаќаат неговата теорија и сe уште сметаат дека тоа е дело на вонземјани.
Ератостен, кој бил вработен во Александриската библиотека, врз основа на записите на египетските свештеници кои користеле слични опсерватории за определување на календарот, прв дошол на помислата дека Земјата е тркалезна. Тој забележал дека на 21 јуни (летна долгодневица) во храмот во Луксор, стапот забоден вземи не ја дава своја сенка, а додека во Александрија сенката е истакната. Не можел да разбере како на едно место да има а на друго место да нема сенка, па го измерил растојание од Луксор до Александрија и заклучил дека тоа е можно само доколку Земјата не е рамна површина - туку е сферична, бидејќи само во тој случај сонцето не може едновремено да ги осветлува сите нејзини точки под ист агол.
2 коментари:
I have been looking for sites like this for a long time. Thank you! »
Подумали с мужем о гостинцах на ДР младшему сыну, ему три годика, всевозможные-машинки-конструкторы у него есть много, он любитмышку Тич. Я отыскала типа подобной игрушки, только мишку -медвежонок Куби, кто покупал такого? Стоит покупать? Или посоветуйте что-нибудь аналогичное. Не дайте ребенку остаться без гостинца от родителей.
Објави коментар