Пребарај го блогов

сабота, мај 20, 2006

Tvorestvoto na Mihail i Evtihij

Tvorestvoto na Mihail i Evtihij
ТВОРЕШТВОТО НА ПРОЧУЕНИТЕ ЗОГРАФИ МИХАИЛ И ЕВТИХИЈ И НА СЛИКАРИТЕ ОД НИВНИОТ КРУГ

Проучувајќи го фреско-сликарството на црквата Богородица Перивлептос во Охрид, дело на познатите мајстори Михаил и Евтихиј, се наметнуваше, покрај другото, прашањето за иконите. Поточно, баран е одговор на прашањето дали ромејскиот велик хетеријарх Прогон Згур во 1295 година ја нарачал комплетната декорација и опрема за црквата Богородица Перивлептос? Според, наше мислење, би требало тоа да значи, покрај сликањето на фреските и изработка на големите престолни икони, малите празнични (целивашти) икони, хоросот, евентуално иконите за хоросот, подниот мозаик во наосот, како и најнужниот црковен мебел. Меѓутоа, од досега познатиот фонд икони во оваа црква, исто така и фондот на другите охридски цркви, како да се добива впечаток дека Михаил и Евтихиј не биле со договорот обврзани за изработка на големите престолни икони. Иако меѓу, охридските икони еден број се припишувани кон творештвото на Михаил и Евтихиј, меѓу досега откриените ги нема престолните икони на Богородица Перивлептос и на Исус Христос, кои врз основа на стилските карактеристики и некои други елементи, би можеле да им бидат припишани на овие автори. Поради фактот што токму во оваа црква се зачувани поголем број постари икони, логично би било да се претпостави дека и тие би требало да бидат зачувани, ако веќе биле насликани. Појавата на храмовата икона посветена на Богородица Перивлептос, која е и до денес зачувана во многу добра состојба и одговара на димензиите на камениот иконостас во црквата и за која со поголема сигурност може да се смета дека била насликана кон крајот на XIII или во првите години на XIV век при што не ги поседува стилските одлики на творештвото на Михаил и Евтихиј уште поубедливо зборува дека бележитите средновековни зографи немале задача да ги сликаат престолните икони. Најголемата, по својот формат до денес откриена икона, е посветена на Св. Матеја, која му се припишува на творештвото на Михаил и Евтихиј. Св. Mатеја е насликан во цел раст, со голема растворена книга во рацете. Светителот е свртен поналево, со поглед вперен во гледачите. Меѓутоа, се добива впечаток дека иконата била проектирана за некој иконостас со поголеми димензии од зачуваниот каменен иконостас во црквата Богородица Перивлептос. Кога зборуваме за оваа икона, треба посебно да нагласиме дека нејзината зачуваност е просто неверојатна. По чистењето од прав и саѓи, пред очите на конзерваторите се појавила таква свежина на бои, што никој не можел да поверува дека иконата била насликана пред толку векови. Меѓу другото, констатирано е дека иконата била подготвена за позлатување, но тоа не било никогаш изведено. Позлатен е само ореолот. Може да се претпостави дека во последен момент, пред самото позлатување е донесена одлука за поставување оков, но и оковот не бил никогаш поставен.

Анализата на иконата “Св. Матеја покажува дека овој иконопис ги носи сите одлики на фреско-сликарството на познатите мајстори Михаил и Евтихиј од црквата Богородица Перивлептос во Охрид. Линијата на цртежот, со својата виртуозност и колоритност, со обилството од полутонови, според нашето мислење, ја оддава раката на еден од двајцата зографи кои, работејќи со години заедно, толку ги проближиле својот ракопис и своите сфаќања, што и ден денес е многу тешко или сосем невозможно да се разликуваат. Аке е нашава претпоставка точна, Михаил и Евтихиј да не ги работеле големите престолни икони за иконостасот на црквата Богородица Перивлептос, ни се чини помалку веројатно од нив да биле нарачани и малите празнични (целивашти) икони. Сепак, во Охрид во самата црква Богородица Перивлептос и во некои цркви во нејзината близина, се откриени пет мошне значајни и релативно добро зачувани мали празнични икони, кои несомнено припаѓале кон еден сега изгубен циклус од 12 празнични икони.

Првата од зачуваните икони е посветена на Томиното неверство. Во средината на композицијата е насликан Исус Христос, застанат на низок постамент, облечен во црвен хитон и темносин химатион. Десната рака е подигната во висина на главата. Раката и дел од телото се насликани голи. Од двете негови страни, во збиена група, се насликани апостолите облечени во богато драпирани облеки. Групата апостоли, од десната страна на Христос ја предводи неверниот Тома, кој испружил рака, за да ја допре Христовата крвава рана од убодот на копје. Групата апостоли од левата страна ги предводи апостолот Петар. Местото каде што се одигрува сцената е одбележано на тој начин, што во заднината е насликана велелепна зграда со полукружен влез, затворен со двокрилна врата украсена со касети. Над условно насликаната архитектура во заднината е префрлено цинобер перде.

Втората икона е “Слегувањето на Христа во пеколот“. Таа има скоро иста основна концепција за распоредот на фигурите во композицијата. Во средината, во ефектно насликана мандорла, облечен во бел хитон и химатион, насликан е Исус Христос во моментот на слегувањето. Самиот овој момент е посебно нагласен со развиорениот крај на химатионот, високо подигнат од притисокот на воздухот. Мошне студиозно се обработени Христовата фигура и движењето на телото во слободниот простор. Христос, со десната рака му помага на Адама да излезе од гробот. До Адам, нешто подлабоко во просторот е насликана Ева во цинобер морфион. Зад неа се група светители предводени од младич што во раката држи овчарски стап. Налево од Христа и од разурнатите врати на пеколот се наоѓа гроб на кој стојат старозаветните цареви Давид и Соломон облечени во богата облека, со круни на главата. Зад нив ја распознаваме фигурата на Св. Јован. До него стои непознат светител без ореол. Во главниот дел на иконата, над Христовата мандорла, на врвот од висока карпа, се наоѓаат група од осум ангели, при што трите први в раце ги држат предметите сврзани со мачењето Христово. Ангелите се насликани со маслинеста-зелена и со бела боја.

Третата икона, која ги носи сите одлики на сликарството на претходните две, е “Крштевањето Христово“. Во средината на композицијата е насликан Исус Христос со перизом околу колковите, застанат во водите на реката Јордан. Бреговите се стрмни и карпести. На брегот, од десната страна на Христос, во преден план, се издига глуждовито маслиново стебло со секира положена на коренот. Покрај стеблото е насликан Св. Јован Крстител во облека од камилино влакно, препашан со плашт. Десната рака ја поставил над Христовата глава. На другиот брег се насликани четири ангели, облечени во богато драпирани хитони и химатиони. Над Христовата глава, од сегмент на небото, зрачат светлосни зраци. На крајот од најдолгиот светлосен зрак се наоѓа кружно поле во кое е насликана сива гулабица - персонификација на Св. Дух. Во темнозелената вода, во преден план е насликана персонификација на реката Јордан во вид на средовечен човек, со раширени крилја, препашан со црвен перизом. Со десната рака во водата придржува голем сад украсен со златни орнаменти. Од другата страна на реката, под карпестиот брег, голема желка со мошне студиозно насликана глава.

Четвртата икона е посветена на раѓањето Христово. Во непознато време штицата е скршена на два скоро еднакви дела.

Во средишниот дел на композицијата, на цинобер душек украсен со орнаменти, лежи Богородица со лесно подигната глава, облечена во темноцрвен мафорион. Надесно од неа, во јасли е насликан малиот Христос, над кого се надвиснати главите на магаре и вол. Кон малиот Христос во јаслите пристапуваат тројцата кралеви со подароци во раце. Долу, на преден план, насликана е сцената со Јосиф во разговор со млад овчар, кој на главата носи убава капа со широка периферија. Во десниот агол на преден план е прикажана сцената со капењето на малиот Христос. Горе, над пештерата, се насликани ангели, а од сегмент на небото продираат светлосни зраци, од кои еден во средината со црвена ѕвезда паѓа над јаслите во кои е Христос.

На петтата икона е насликана композицијата “Воведување на Богородица во храм“. Како и претходната, таа била скршена на две половини. Тоа е наедно и најтешко оштетената икона од оваа серија. На преден план се наоѓа фигурата на просвештеникот Захарие, кон кого се приближува свечената поворка на чело со малата Богородица. Таа е свртена кон девојки што се многу поголеми и постари од неа. Зад нив се Јоаким и Ана. Во горниот, лев агол, повторно е насликана Богородица на врвот од скали, седната на трон. Под неа се наоѓа ангел.

Веќе ја споменавме претпоставката дека овие дела припаѓале кон една серија од 12 празнични икони, работени во исто време. Но денес е тешко да се тврди дека биле нарачани од великиот хетеријарх Прогон Згур, односно во 1295 година. Анализата на сликарството презентирано на овие икони повеќе би одела во прилог на мислењето дека можеле да настанат подоцна, секако нарачани од некој друг дародавец, можеби пак за истата црква Богородица Перивлептос. Со оглед дека сликарството на овие икони се покажува многу поблиску до она работено од Михаил и Евтихиј во црквата Св. Ѓорѓи во с. Старо Нагоричане Кумановско (1317-18) и црквата Св. Никита во с. Бањани Скопско (1320). Односниве икони можеме да ги поврземе со работата на овие мајстори во времето на создавањето на фреско-живописот во споменатите две цркви.

Овде ќе треба да нагласиме дека Михаил и Евтихиј на иконостасот на црквата Св Ѓорѓи во Старо Нагоричане насликале две престолни икони во фреско-техника. Тоа се иконите “Богородица Пелагонитиса“ и “Св. Ѓорѓи Дијасоритис“. Истиве автори или нивни соработници, на северниот ѕид од црквата Св. Никита во с. Бањани насликале фреско-икона посветена на Св Мина.

Посебно значење има иконата “Богородица Пелагонитиса“, која сведочи дека зографите Михаил и Евтихиј воделе сметка за култовите на светителите во средините каде што работеле, што впрочем го покажале кога ги насликале во нагоричанската црква претставите на словенските просветители Св. Кирил и Методиј, Климент Охридски, Константин Кавасилас, Прохор Пчињски и Гаврило Лесновски.

Сите погоре спомнати, а до денес зачувани икони претставуваат врвни дела на уметноста од времето на Палеолозите. Од нив, многу подобро одколку во примерите од фреско-сликарството, ги запознаваме високото мајсторство и префинетата работа на зографите Михаил и Евтихиј, кои употребувајќи мали четки, постигнуваат голема прецизност на цртежот. Со фини, благи премини, тие ги моделираат ликовите на светителите давајќи им пластичност и експресивност. Овие карактеристики повеќе се однесуваат на работата на сликарите од времето на првите децении на XIV век, па затоа се помислува дека познатите зографи во овој период можело да работат за некој нов, денес за нас непознат, ктитор во Охрид.

Дека зографите Михаил и Евтихиј имале околу своето ателје поголем круг сликари кои за време на реализацијата на поголеми проекти работеле заедно со нив, покажуваат еден број мали празнични икони, откриени исто така во охридските цркви. Меѓу нив, посебно внимание привлекуваат: “Вознесение Христово“, “Успение на Богородица“ и “Христа го водат на Голгота“.

Непознатиот творец на иконата “Вознесение Христово се покажува најблизок до сликарството на Михаил и Евтихиј. Неговата композиција е изведена мошне вешто и смислено. Во долниот дел на верикалната оска е Богородица свртена кон групата апостоли и кон ангелот што се наоѓа над нив. Во истата оска, горе, е насликан Исус Христос окружен со ангели. Подеталната анализа врз сликарството на оваа икона открива рака на мајстор кој, се чини, повеќе ја совладал вештината на компонирањето на фигурите во просторот отколку прецизноста на цртежот, а уште помалку моделирањето со благи премини на колоритот, што е посебна вредност на сликарството на Михаил и Евтихиј.

Несомнено повешт и префинет, попедантен сликар ја работел иконата “Успение на Богородица“. Се работи за исклучиво добро осмислена и изведена композиција во чија средина се наоѓа фигурата на Исус Христос во мандорла, кој во двете раце, покриени со краиштата на химатионот, ја држи персонификацијата на душата на Богородица предадена во облик на бебе. Пред него, на одар украсен со чаршав со широки златни ленти, се наоѓа телото на Богородица. Апостолите се распоредени во две групи. Во првата се насликани осуммина а во втората тројца, додека еден е насликан зад одарот на кој лежи Богородица. Кон помалата група апостоли се придодадени дварца архиереи облечени во полиставриони. Од обете страни на Христос се насликани по два ангела со спуштени крила. Во заднината се издига висок ѕид, богато декориран кој поврзува два објекта со форма на трикорабни базилики.

Спореден со живописот на Михаил и Евтихиј непознатиот зограф работи со значително посув цртеж. Облеката е испресечена со множество набори, кои секогаш не ги следат движењата на фигурите. И колоритот е значително посиромашен. Сепак, се работи за живопис на талентиран мајстор што ги запознал сите позначајни особини на палеолошкиот стил, кој станал водечко обележје во штафелајното сликарство во овој период.

Иконата “Христа го водат на Голгота“ е работена во духот на веќе споменатиот уметнички стил, но непознатиот зограф ја нема вештината на своите претходници, иако се вбројува во групата вешти мајстори што во овој период работат за поголем број нарачатели од Охрид и пошироко во овој дел на Балканскиот Полуостров.


Нема коментари:

Архива на блогот

Site Meter