ПОВЕЌЕ ОД СЕДУМ ВЕКА СТАРАТА ЦРКВА ВО СТАРО НАГОРИЧАНИ ПРОГЛАСЕНА ЗА СПОМЕНИК НА КУЛТУРАТА
Храмот на царот Диоген во чест на пророкот Прохор
Пророкот Прохор кој живеел во пештера блиску до сегашната црква, го замолил Роман Диоген да не ја убива ранетата срна зашто само така ќе стане цар, тој го послушал, а по неколку години се вратил во Старо Нагоричане во царска облека со круна на глават
Повеќе од седум века црквата Свети Ѓорѓи го штити од зло кумановското село Старо Нагоричане. Мештаните веруваат дека стариот храм им носи среќа. Велат дека и во најтешките мигови од животот утеха наоѓале во него.
"Доаѓаме овде за празници и во неделите кога има богослужби. Палиме свеќи, носиме дарови. За арно за лошо одиме во црквата која е единствена во селото. Најубаво е за Ѓурѓовден кога има слава. Тогаш во Старо Нагоричане се собираат луѓе од сите околни села. Го празнуваме Свети Ѓорѓи нашиот заштитник. На гости ни доаѓаат и роднините од Србија. Блиску им е овде преку граница", велат жителите од селото кои и во четвртокот имаа слава. Го славеа Свети Сава.
Во негова чест во црквата имаше богослужба, а во основното училиште во селото за добар успех и добро здравје на учениците се кршеше славска погача. Во Старо Нагоричани одбележувањето на Свети Сава е со голема традиција. Мештаните велат дека тоа е ден кога побогатите луѓе им даваат подароци на децата кои се школуваат. Празник кој треба да се помине со семејството на скромна трпеза.
Кумановското село за кое мештаните велат дека последните неколку години почнало масовно да се празни, живна за Св. Сава. Луѓето излегоа на улиците. Имаше многу гости и од Куманово и од Скопје. Од училиштето се слушаше пеењето и рецитирањето на децата кои учествуваа во приредбата за школската слава. Со луѓе се наполни и црквата Свети Ѓорѓи. Стариот храм не може никако да се одмине. Тој е издигнат сред село на една височинка над главната улица по која се стигнува до општината. Под црквата и над неа меѓу високите дрвја има убави стари селски куќи кои можеби се изградени уште пред стотина години.
Дебелите sидови во нејзината внатрешност ги красат живописни фрески. Веднаш над главната голема влезна врата е насликана фреска со успетието на Богородица, на двата странични sида збиено еден до друг во повеќе редови се насликани светци. Зад олтарот со богат иконостас се наsира огромна фреска со тајната вечера. Фреските ги правеле, велат старонагоричанци, најпознатите византиски мајстори.
Црквата според легендата што ни ја раскажа Бранко Ѓорѓевиќ, професор од селското училиште кој веќе 15 години е во пензија, била изградена многу порано од 14 век. Неа ја направил Роман Диоген уште во Римско време во чест на големиот пророк Прохор кој долго време живеел сред село како испосник во една мала пештера. Веднаш над црквата до селската чешма се уште постои пештерата на пророкот Прохор. Сега до неа е изградена една мала црквичка и целиот простор кој е уреден и ограден се верува дека е свето место.
Според легендата што ја раскажува Ѓорѓевиќ, Роман еден ден кога бил на лов во шумата која се наоѓа веднаш над селото ранил една срна. Животното му побегнало и се скрило во пештерата каде што живеел Прохор. Следејќи ги трагите од крв тој стигнал до пештерата на пророкот. Сакал да ја застрела срната, но Прохор му рекол дека за многу кратко време тој ќе стане цар ако не ја убие. Роман Диоген го послушал пророкот Прохор, го спуштил нанишанетото копје и си заминал.
По неколку години тој се вратил во Старо Нагоричани, но облечен во царска облека со круна на главата. Дошол да го види Прохор и да му се заблагодари за убавото пророштво. Пророкот повеќе го немало во пештерата. Си заминал од селото оти мештаните му станале здодевни со нивните чести желби да им ја претскажува иднината. Тој нашол ново живеалиште - манастирот Прохор Пчински кој е во близина на селото Старо Нагоричане.
Царот Роман за сеќавање на Прохор кај неговата пештера изградил голем храм. Но, времето ги нагризало камењата, војните ги попуштиле темелите и стариот храм се урнал. Професорот Ѓорѓевиќ вели дека во 1313 година кога во Старо Нагоричане дошол цар Милутин и на местото на старата црква изградил нова која била многу слична на таа што ја направил Роман Диоген за Прохор. "Од тогаш до сега црквата не е многу изменета. Фреските се конзервирани и објектот е заштитен со закон како културно-историски споменик", ни рече Ѓорѓевиќ.
Ирена Смиљанска
Фото: Б. Грданоски
Нема коментари:
Објави коментар