Пребарај го блогов

четврток, мај 25, 2006

Кокино го прокопуваат кртови наместо Археолози

Број 1767 среда, 04 мај 2005 - Утрински


Мегалитската опсерваторија Кокино и крие и открива многу приказни
И кртовите ја вадат историјата на виделина
Од Кокино се протега незборавен поглед. Велат дека ноЌе се гледа и милениумскиот крст на Водно




"Татичев камен" е последен вулкански излив во Кратовско-злетовскиот масив



Катерина Богоева

Мегалитската опсерваторија Кокино оддалечена 35 километри од Куманово, сместена во простор исполнет со мир и бои од природата, со малку преостанати жители во испразнетото село, на почетокот на овој век е нов предизвик за археологијата и астрономијата.

Со потврдените и верификувани научни сознанија, а особено со најновата годинешна потврда за вредноста и спецификата, четвртото место на листата на НАСА на најстари опсерватории на светот, сега е голем предизвик за компетентните државни и локани институции да покажат дали умеат на вистински начин да одреагираат и да го понудат Кокино како како атрактивна културно - туристичка дестинација. Паралелно со тоа треба и да го заштитат од видливите дегарадации од човечка рака но и да вложуваат во неговото понатамошно истражување за заокружување на приказните за луѓето кои од таму го набљудувале небото и го мереле времето. Кокино датира од 1.800 година пред новата ера а неговите истражувачи, археологот Јовица Станковски од Музејот во Куманово и астрономот Ѓоре Ценев од Планетаиумот при Младнскиот културен центар, успеаа од 2001 година до денес, откритието да му го презентираат на светот на вистински начин а неговата особеност да му отвори пат до НАСА.

Навистина впечатокот за овој простор по многу нешта е единствен. До опсерваторијата која се наоѓа на 1015 метри надморска височина, на Татичев врв, се доаѓа по патот кој поминува низ селото Старо Нагоричане. Татичев врв го гледате оддалеку, доминира во околината, а до него и до опсерваторијата се доаѓа поминувајќи крај селото Кокино, од каде истражувачите и го земаат името, според досегашната позната практика во светот, имињата да се доделуваат по најблиските населени места.

Засега единствен патоказ е мермерната плоча крај патот од каде започнува искачувањето, добиена во рамките на проект на кумановска граѓанска организација. Археологот Јовица Станковски кој од 2001 година континуирано го посетува локалитетот и ги знае промените на теренот, потенцира дека долго време за него но и за многумина други, опсерваторијата претставувала "куп камења", се додека во Музејот во Куманово од "дивите копачи" не било донесено на увид парче керамика од просторот кој претходно тие го раскопувале. Евидентирани се интервенции од човечка рака и од тогаш започнуваат археолошките истражувања со средства од Министерството за култура, но заради спецификата на просторот археолозите претпоставиле дека станува збор за опсерваторија, што било и потврдено најпрвин со мерења од страна на астрономи од Стара Загора, Бигарија во 2002 година, а потоа и со комплетните мерења и датирања на староста на опсерваторијата и нејзината вредност од страна на Ѓоре Ценев.

На мегалитската опсерваторија и пријдовме од сончевата, југоисточна страна на ридот, положба која заедно со неговата доминација во околината, ги потврдува потребните показатели дека станува збор за светилиште , опсерваторија. Третиот потврден показател утврден на светилиштата на Крит, е непостоењето на населба, што во случајот со Кокино исто така се поклопува со периодот кога таа е создадена. Од опсерваторијата се набљудувало небото, движењето на Сонцето и Месечината, паралелно со тоа и Звезденото небо - Плејадите, се мерело времето, се одржувале обреди. Станковски смета дека станува збор за обреди посветени на светиот брак меѓу Божицата мајка и синот Сонце, на нивното спојување како знак на плодност, обреди познати во митологијата.

Патот што води до опсерваторијата е пресечен и со купчиња земја што од внатрешноста ја исфрлаат кртовите, во кои се гледаат и парчиња керамика.На истражуваниот простор од 120 квадратни метри археолозите досега собрале 500 килограми керамика која датира од подоцнежен период на постоење на населба на Кокино, од 13-12 век пред новата ера, кога во рамките на историскиот познат период (11 -14 век п. н.е) индоевропските народи, во таканаречените "Егејски преселби" поминувале и по Кумановскиот коридор и го населувале. "Тоа биле сточарски народи кои се населувале и во овие простори и на кои има требала опсерваторијата за да го мерат времето и да знааат кога треба да ја размножуваат стоката, да ја носат на пасење и др. Тие не ја користеле како светилиште. Од периодот на 13-12 век пред.н.е датираат и досега откриените и реконструирани триесеттина предмети, а двесеттина допрва чекаат на рекострукција. Откриени се садови во најразлична форма, разни предмети, мелници од камен за жито и други" - вели Станковски.

Населбата е предворјето на опсерваторијата, која за да ја доживеете треба и во неа да влезете, да ги поминете патеките направени од човекот и природата, провирајќи се крај стрмите карпи. Карпите на кои се шаренеат разнобојни лишаи се сочинети од андензит, состав што овозможува истите и да пукаат и да се обликуваат, но поради тоа својство се изложени и на дегарадации од времето. Токму поради составот, старите претставници на сеуште непозната цивилизација, успевале вешто да направат "нишани" низ кои го следеле движењето на Сонцето, Месечината и Звезденото небо. Кокино има 7 нишани, 3 за набљудување на Сонцето, четири за Месечината. Од карпите се направени и две платформи за набљудување, како и пет престоли на кои седеле владетелите.

"Многу внимателно е направена и траншеата која овозможува да се пропушти зрак и тој од главниот "нишан" да падне на престолот, со што во одреден период се означувал почетокот на годината, а со тоа и почетокот на свеченостите - вели Станковски, кој седна на престолот за да ја илустрира прецизноста на ловењето на зраците. Ја посочи и вештачки направената позиција од која можат да се видат сите посочени седум нишани низ кои се следат небесните тела, што е исклучителна специфика на Кокино. Од таму се набљудувала и рамноденицата. Археологот посочува дека старите народи имале потреба да се ориентираат во времето за да знаат кога е време за жетва, за одредени животни цилкуси од кои им зависел опстанокот.

"Од откриените позиции на опсерваторијата гледаме дека станува збор за цивилизација на високо ниво. Колку сериозно му пристапувале на мерењето на времето се гледа и по добро обработениот простор. Постои сличност на овој простор со светилиштето во Пелинце, каде со истражувања се откриени каремички садови депонирани во земја, како дел од обред за славење на плодноста. Првата употреба на опсерваторијата и нејзината старост коинцидира со тоа светилиште, поради тоа претпоставуваме дека и тука треба да најдеме такви садови. Очекуваме да пронајдеме и некој пишан запис можеби во камена плоча, нешто на кое луѓето забележувале како го мереле времето" - вели Станковски.

Од Кокино се протега незборавен поглед на околината. Велат дека од таму ноќе се гледа и милениумскиот крст на Водно, но и дека постојано има ветер. Во овој период од годината има и многу пеперутки. Но, и тука не се може без човечки деструкции, па веќе има остатоци од неколку запалени огнови, скршени делови од карпи, вдлабнати потписи, пластични чаши и др, што потврдува дека е потребна итна заштита од деградациите што ги прават претставниците на сегашните народи, многуте намерници и ненамерници . Археологот Станковски смета дека Кокино е спремно за туристичка понуда, но сепак треба и да се заокружат потребните елементи кои одат со тоа.

Во таа насока информира дека во текот на јуни во овде ќе се реализира и едукативен младински камп со подршка од холандска граѓанска организација, каде младите ќе стекнуваат сознанија од областа на етнологијата, археологијата и културното наследство. Предвидено е отпечатување на потребен каталог за Кокино, на флаери а Станковски најавува дека учесниците на кампот ќе ги направат потребните патокази и патека до опсерваторијата ш то сега недостасува.

Тој заедно со астрономот Ѓоре Ценев претпоставуваат дека вакви опсерватории во Македонија има уште и дека би требало да се протегаат во радиус од 20 - 30 километри и дека веќе до нив стигнуваат многу барања да одат и да проверат за што точно во одреден дел од Македонија станува збор. "Интересот за Кокино од ден на ден се зголемува. Наскоро треба да дојде и една група хрватски новинари, се највија и новинари од магазинот "Национална географија', се јавуваат секојдневно нови луѓе" - задоволен од досегашниот тек на актуелизација на вредностите на Кокино, заврши во оваа прилика Станковски.

2 коментари:

Historian рече...

Здравейте,

Вашият блог съм го включил в новото ми съобщение (http://macedonia-history.blogspot.com/2006/05/24-2.html) в моя сайт.
След няколко дена, ще бъде прибавен и към другите Блог-линкове!

Допада ми, това което да правите. С радост бих Ви помогнал, като Ви дам повече информация за Кумановския край от моя сайт. За съжаление не мисля, че има друга информация за Кумановско, която да е ценна и/или да съм публикувал на моя блог ЗАСЕГА! За в бъдеще, се надявам да Ви изненадам приятно...:))

Пожелавам Ви, успех в начинанието!

Photo Volan рече...

Благодарам на поздравот и соработката.

По мене секој има право најпрвин да се осеќа како што се осеќа. Понатака нема право никого да навредува. Историските извори секој си ги толкува на свој начин и по малку навивачки. Мене тоа не ми смеќава. Напротив. Сакам да читам повеќе извори.

Политичарите ја користат историјата за да го делат народот на “наши и ваши“ - “криви и прави“ - “обесправени и поробени“ и така натака.

За мене сето тоа е еден фолклор кој само може да се искористи за пополнување на дупките во колективното сеќавање на народите кои живеат еден покрај друг и еден со друг.

Архива на блогот

Site Meter