Пребарај го блогов

сабота, мај 20, 2006

Дали локалитетот Кокино ќе стане атракција?

Дали локалитетот Кокино ќе стане атракција како Абу Симбел, Стоун Хејнџ и Ангкор Ват, трите опсерватории кои се пред Кокино на листата објавена од НАСА?

Астрономот Ѓоре Ценев е оптимист, треба само да се заврши истражувањето, да се изградат патеки, да се постават информативни табли, да влезе во агендите на туристичките работници.

„Ние уште од самиот почеток кажавме и го споредивме со Стоун Хејнџ. Покажавме дека сите параметри временски, па и содржини ако сакате се од рангот на Стоун Хејнџ“, изјави Ѓоре Ценев, астроном.

„Дури тогаш, пред 2 години, веќе се пишуваше за македонскиот Стоун Хејнџ, но требаше НАСА да покаже дека навистина сме во право, па да стане јасно дека сме направиле навистина квалитетна работа“, додаде Ценев.

Досега државата не покажувала интерес за оваа мегалитска опсерваторија. Од Министерството за култура за локалитетот досега давале само минимални средства, па затоа во неколку наврати истражувањата биле прекинати. Откако се појави на листата на НАСА, Министерството издвоило 10.000 евра и го подготвило каталогот за Кокино.

Оваа опсерваторија се наоѓа во близина на Старо Нагоричане. Од неа пред 3.800 години древна непозната цивилизација ги набљудувала Сонцето и Месечината. Од Кокино и денес со иста прецизност можат да се набљудуваат небесните појави.

Токму заради прецизноста, оваа опсерваторија се најде на четвртото место на листата на НАСА за древни опсерватории.

Иако котира толку високо и се вбројува во светското културно наследство, Кокино сега го посетуваат само мештаните, археолозите и астрономите.

Му треба само афирмација за да биде како останатите опсерватории, кои дневно ги посетуваат илјадници туристи.

Архива на блогот

Site Meter